Michael Gabriel Hernandez
18 Септември 2024•Ажурирај: 19 Септември 2024
ВАШИНГТОН (АА) - Полицијата во Њујорк денес ги демантираше гласините што кружеа на социјалните мрежи дека бил пронајден експлозив во автомобил во близина на местото каде што се очекува поранешниот претседател Доналд Трамп да им се обрати на поддржувачите, јавува Анадолу.
„Тоа не е веродостојно“, изјави портпаролот на полицијата на Округот Насау за Анадолу во телефонски разговор.
Трамп треба да одржи митинг во Колосеумот Насау во Униондејл, Лонг Ајленд, во 19 часот по локално време. Собирот ќе се одржи само три дена по вториот очигледен обид за атентат на поранешниот претседател на неговиот терен за голф на Флорида.
Властите го идентификуваа осомничениот како Рајан Рут (58), поранешен поддржувач на Трамп, кој потоа станал негов критичар. Против него е поднесена кривична пријава за огненото оружје, а се очекува да се соочи и со дополнителни пријави.
Тајната служба отвори оган на теренот за голф во неделата откако агентот, кој визуелно ја набљудуваше областа, виде како од грмушките излегува цевка на автоматска пушка слична на АК-47 на оддалеченост од 365 до 457 метри од Трамп.
Шерифот на Округот Палм Бич, Рик Бредшо, изјави дека напаѓачот потоа ги фрлил пушката, двата ранца и видеокамерата ГоуПро и побегнал со црн џип.
Шерифот рече дека очевидец го видел напаѓачот и успеал да ги фотографира неговиот автомобил и регистарските таблички, што доведе до апсење на Рут на блискиот автопат.
Инцидентот се случи два месеца откако Трамп беше ранет при обид за атентат на 13 јули, кога Томас Метју Крукс, 20-годишен вооружен напаѓач, отвори оган врз него за време на предизборниот митинг во Округот Батлер, Пенсилванија, при што куршумот само го изгреба десното уво на Трамп.