Fatih Erel
19 Април 2021•Ажурирај: 20 Април 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Започна војна за приходите меѓу големите клубови и Унијата на европските фудбалски асоцијации (УЕФА ), која ги собира и дистрибуира приходите од радиодифузија, реклами и спонзорства во европскиот фудбал, пишува Агенција Анадолија (АА).
Дванаесет клуба од Англија, Шпанија и Италија се договорија да организираат нов турнир наречен „Европска супер лига“.
Екипите на Манчестер Јунајтед, Челси, Ливерпул, Манчестер Сити, Тотенхем од Англија, Милан, Интер и Јувентус од Италија и Атлетико Мадрид, Барселона и Реал Мадрид од Шпанија се клубовите кои дадоа заедничко соопштение за формирање на Европската супер лига.
Гигантските клубови, кои распределбата на своите приходи во европскиот фудбал ја оставија на УЕФА, сега сакаат да добијат повеќе права со парите.
Лигата на шампиони на УЕФА е организирана со учество на 32 екипи и на дневен ред е оваа бројка да се зголеми на 36.
УЕФА секоја година распределува приближно 3/4 од приходите на организацијата во Лигата на шампионите на клубовите учесници.
Новоформираната Супер лига ќе брои 20 клуба, од кои 15 екипи се основачи, а приходите ќе се распределуваат меѓу овие тимови.
Додека УЕФА им доделува приближно 2 милијарди евра на 32 екипи учеснички во Лигата на шампионите, шампионот на ова натпреварување може да заработи околу 120 милиони евра.
Во нововоспоставената Супер лига се очекува секој тим да заработи повеќе и од тимот што ја освојува Лигата на шампионите.
Освен тоа, покрај годишните приходи, во првата етапа се планира 3,5 милијарди евра да им бидат распределени на клубовите основачи како поддршка на плановите за инвестиции во инфраструктурата и справување со финансиското влијание на епидемијата на коронавирусот. Оваа поддршка ќе биде обезбедена од банкарската и финансиска компанија „Џеј Пи Морган“ со седиште во САД.
Интересен е фактот дека формирањето на Европската супер лига се совпаѓа со периодот кога пандемијата на новиот тип коронавирус интензивно влијае врз нестабилноста во европската фудбалска економија.
Покрај тоа, соопштено е дека ќе има големо намалување на средствата што ќе им се дистрибуираат на клубовите бидејќи ќе има големо намалување на приходите во следните 5 години поради Ковид-19.
- Шефовите на фудбалот се противат -
Заедно со УЕФА и ФИФА, на проектот Супер лига се противат и фудбалските федерации на Англија, Шпанија и Италија.
Освен тоа, објавена е веста дека Андреа Ањели, претседателот на италијанската Прва фудбалска лига (Серија А) и претседател на фудбалскиот клуб Јувентус, ја напуштил Европската асоцијација на клубови (ЕЦА).
- Први политички реакции -
Бидејќи фудбалот секоја година генерира милијарди долари, основањето на Европската супер лига предизвика политички реакции.
Британскиот премиер Борис Џонсон ги критикуваше англиските клубови кои ќе бидат дел од Супер лигата, додека претседателот на Франција, Емануел Макрон, изјави дека е задоволен што француските екипи не се во лигата и дека се противи на Супер лигата.