Doğa Kırmızıoğlu
19 Април 2021•Ажурирај: 20 Април 2021
АНКАРА
Викендов продолжија натпреварите во 5-те најпрестижни фудбалски лиги на Европа, Премиер лига (Англија), Ла лига (Шпанија), Бундеслига (Германија), Серија А (Италија) и Лига 1 (Франција), известува Агенција Анадолија (АА).
На врвот од табелата во Премиер лигата е Манчестер Сити, во Ла лига Атлетико Мадрид, во Бундеслигата Баерн Минхен, во Серија А, Интер, и во Лига 1 е Лил.
- Премиер лига
Тимот на Манчестер Сити, кој се наоѓа на лидерската позиција во Премиер лигата, тимот на Лестер Сити, Челси и Саутхемптон викендов не ги одиграа натпреварите во националната лига поради учеството во ФА Купот на Англија (Купот на Федерација).
Манчестер Јунајтед како гостин го совлада Барнли со 1:3, додека екипата на Вест Хем Јунајтед, која се бори за место што води во УЕФА Лигата на шампиони, како гостин загуби од Њукасл Јунајтед со 3:2.
Манчестер Сити се наоѓа на врвот од Премиер лигата со 74 бода. Второпласиран е Манчестер Јунајтед со 66, по кој следуваат Лестер Сити со 56 и Вест Хем Јунајтед со 55 бода.
- Ла лига
Тимот на Атлетико Мадрид, лидерот во шпанската национална фудбалска Ла лига, како домаќин со 5:0 го совлада Ејбар и ја одржа својата предност во лигата.
Реал Мадрид, кој минатата недела во дуелот „Ел класико“ ја победи Барселона, викендов како гостин одигра без погодоци 0:0 и загуби чекор во трката за шампионската титула.
Севиља како гостин го совлада Реал Сосиедад со 1:2. Викендов Барселона не настапи во националната лига поради учеството во финалето на Кралскиот куп.
Лидер на табелата во Ла лига е Атлетико Мадрид со 70 поени. Следуваат Реал Мадрид со 67, Барселона со 65 (и натпревар помалку) и Севиља со 64 бода.
- Серија А
Екипата на Интер, која има сериозна предност пред останатите тимови во националната лига, како гостин одигра нерешено против Наполи 1:1, ставајќи крај на серијата од 11 победи.
Милан како домаќин ја совлада Џенова со 2:1 и ја продолжи борбата за врвот од табелата. Екипата на Јувентус на гостувањето во Аталанта загуби со 1:0.
По 31. коло во Серија А, Интер е на врвот од табелата со 75 бода. Второпласиран е Милан со 66, трета е Аталанта со 64 и четвртопласиран е Јувентус со 62 бода.
- Бундеслига
Лидерот на табелата, тимот на Баерн Минхен, му гостуваше на Волфсбург. Баерн извојува победа од 2:3 и ја сочува бодовната предност.
Лајпциг, кој се обидува во чекор да го следи лидерот во трката за шампионската титула во националното првенство, како домаќин одигра 0:0 со Хофенхајм. Ајнтрахт Франкфурт како гостин загуби со 4:0 од Борусија Менхенгладбах.
По 29. коло во германската Бундеслига, Баерн Минхен е лидер на табелата со 68 бода, по кој следуваат Лајпциг со 61, Волфсбург со 54 и Ајнтрахт Франкфурт со 53.
- Лига 1
Екипата на Лил, која се наоѓа на врвот во француската Лига 1, на домашен терен одигра 1:1 против Монпелје.
Париз Сен Жермен (ПСЖ) како домаќин беше подобар од Сент Етјен, совладувајќи го со резултат 3:2 и продолжи во чекор да го следи Лил во трката за првото место во француската национална фудбалска лига.
Монако како гостин го совлада Бордо со 0:3, а Олимпик Лион извојува победа од 1:2 на гостувањето во Нант.
По 33. коло во француската национална Лига 1, Лил се наоѓа на врвот со 70 бода. Следуваат ПСЖ со 69, Монако со 68 и Олимпик Лион со 67 бода.