Can Erözden
19 Април 2021•Ажурирај: 20 Април 2021
АНКАРА (АА) - Тотенхем Хотспар денес го отпушти својот менаџер, Португалецот Жозе Мурињо, соопшти англискиот фудбалски клуб, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Клубот денес соопштува дека Жозе Мурињо и неговиот тренерски персонал Жао Сакраменто, Нуно Сантос, Карлос Лалин и Џовани Цера се ослободени од нивните должности“, се вели во соопштението на Тотенхем.
Клубот не ги наведе причините за отпуштањето на Мурињо.
Од Тотенхем додаваат дека Рајан Мејсон ќе го води сениорскиот тим на денешниот тренинг.
Мурињо (58) беше назначен за менаџер на Тотенхем во 2019 година.
Тотенхем има 50 бода и се наоѓа на седмата позиција на табелата во англиската Премиер лига. На врвот на табелата е тимот на Манчестер Сити, кој собра 74 бода на 32 натпревари.
Во меѓувреме, претседателот на Тотенхем, Даниел Леви, им се заблагодари на Мурињо и на неговиот персонал за напорите за време на пандемијата на коронавирусот, што беше предизвикувачки период за Тотенхем.
„Жозе е вистински професионалец кој покажа огромна флексибилност за време на пандемијата. На лично ниво, ми беше мило да работам со него и жалам што работите не се одвиваа како што замислувавме и двајцата. Тој секогаш ќе биде добредојден тука и ние би сакале да му се заблагодариме нему и на неговиот тренерски тим за придонесот“, рече Леви.
Мурињо е еден од најпознатите фудбалски менаџери со освоени три титули во англиската Премиер лига со Челси во 2005, 2006 и во 2015 година.
Тој го предводеше Реал Мадрид во освојувањето на шпанската Ла лига во 2012 година.
Покрај тоа, Мурињо освои две титули во италијанската Серија А со Интер во 2009 и 2010 година, како и во Лигата на шампиони на УЕФА во 2010 година.
Мурињо го водеше португалскиот Порто во освојувањето на Купот на УЕФА во 2003 и Лигата на шампиони во 2004 година, една од посензационалните победи во Европа.
Купот на УЕФА беше ребрендиран во УЕФА Лига Европа во сезоната 2009-2010.
Мурињо исто така го освои и трофејот во Лига Европа во 2017 година, додека беше менаџер на англискиот клуб Манчестер Јунајтед.