09 Јануари 2023•Ажурирај: 11 Јануари 2023
ЛИСАБОН (АА) - Роберто Мартинез е назначен за нов селектор на португалската репрезентација, потврди Фудбалската федерација на Португалија (ФПФ), јавува Агенција Анадолија (АА).
„Го ценам ентузијазмот и амбицијата со која Мартинез го прифати повикот. Ова е важен момент за репрезентацијата“, изјави претседателот на ФПФ, Фернандо Гомес.
Шпанскиот фудбалски експерт ја водеше репрезентацијата на Белгија до декември 2022 година, но по ремито со Хрватска и елиминацијата во групната фаза на Светското првенство во Катар, поднесе оставка. Тој на клупата на Португалија ќе го наследи Фернандо Сантос, кој исто така ја напушти работата по неуспехот на Мундијалот и елиминацијата од Мароко во четвртфиналето.
Белгија под водство на Мартинез го освои бронзениот медал на Светското првенство во Русија во 2018 година, а на Европското првенство во 2020 година стигна до четвртфиналето.
Мартинез во текот на неговата тренерска кариера ги водеше и Свонси Сити, Виган и Евертон. Својот најголем успех во клупскиот фудбал го постигна кога со Виган го освои ФА Купот во 2013 година.