Hüseyin Burak Demirer
22 Мај 2019•Ажурирај: 23 Мај 2019
АНКАРА
Во финалето на Источната конференција на Американската национална кошаркарска лига НБА, Торонто Репторс со 120 : 102 го совлада Милвоки Бакс и го изедначи резултатот на 2 : 2 во серијата од 4 победи, јавува Anadolu Agency (AA).
Во финалето на Источната конференција се среќаваат Милвоки Бакс и Торонто Репторс, екипите кои ги освоија првите две места во споменатата конференција, но во исто време, овие два тима имаа најдобар процент на победи во регуларниот дел од сезоната во двете конференции на НБА. Милвоки Бакс имаше 73,2 % на победи, додека Торонто Репторс оствари просек од 70,7 %.
Натпреварите во плејофот на НБА се играат во 4 победи, според шемата 2-2-1-1-1. По двете победи на Милвоки на домашен терен и водството од 2 : 0, Торонто успеа да го искористи домашниот терен и со две победи го изедначи резултатот на 2 : 2. Репторс извојува убедлива победа од 120 : 102.
Шест играчи на Репторс успеаја да постигнат двоцифрен број на поени. Најпрецизен беше Кајл Лаури со 25 поени, 6 асистенции и 5 скока, а по него следуваат Кавај Леонард со 19 поени, 7 скока и 4 украдени топки и Серж Ибака со дабл-дабл од 17 поени и 13 скока.
Крис Мидлтон со 30 поени, 7 асистенции и 6 скока беше најпрецизен во редовите на Бакс. Јанис Адетокунбо постигна дабл-дабл од 25 поени, 10 скока, 5 асистенции и 3 блокади, но тоа не беше доволно да се избегне тешкиот пораз од Репторс.
Петтиот натпревар ќе се одигра на теренот на Милвоки Бакс, во петок наутро, во 2:30 часот.
По победата од 4 : 0 над Портланд Треил Блејзерс, тимот на Голден Стејт Вориорс е во исчекување на својот противник за големото финале на НБА.