Emrah Oktay
24 Септември 2019•Ажурирај: 25 Септември 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на турскиот фудбалски прволигаш Бешикташ, Фикрет Орман, изјави дека неговата присутност наштетува на „црно-белиот“ тим и најави дека ќе поднесе оставка на функцијата претседател на клубот, јавува Anadolu Agency (AA).
Орман на прес-конференцијата на стадионот „Водафон парк“ во Истанбул изјави дека е повреден и дека му е жал поради сето она што во последните две години се случува во клубот и дека верува дека на клубот му е потребна свежа крв.
„Навистина многу се боревме, но гледам дека за тоа ми недостига енергија. Нека не се сфати тоа како умор. Не сум уморен, но сум повреден и ми е жал. Вложив толку труд, тука се секако конкретните чекори кои ги направивме. Меѓутоа, дојдовме во позиција да се испитува мојата чест. Што му сторив лошо на овој клуб?“, порача Орман, и додаде:
„Сметам дека мојата присутност му штети на Бешикташ. Утре ќе свикам вонреден состанок на Управниот одбор. Мојата ера во Бешикташ завршува.“
Бешикташ, последователен шампион на Турција во сезоните 2015/16 и 2016/17, оваа година бележи еден од најлошите почетоци на сезоната. „Црните орли“ во моментот, по пет кола на турската Супер лига, со цели пет освоени бодови се наоѓаат на 13. позиција на турското првенство.