Mutlu Demirtaştan
16 Ноември 2024•Ажурирај: 17 Ноември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Јутјуберот и боксер Џејк Пол со едногласна одлука го победи поранешниот светски шампион, боксерот Мајк Тајсон во професионална борба во тешка категорија, известува Анадолу.
Натпреварот, кој со нетрпение го очекуваа спортските фанови, се одржа на стадионот „АТ&Т“ со капацитет 80.000 седишта во градот Арлингтон, Тексас, кој е дом и на Далас Каубојс, еден од тимовите на американската рагби лига (НФЛ).
Натпреварот помеѓу Пол и Тајсон се одржа во 8 рунди од по две минути.
Поранешниот шампион во тешка категорија Тајсон беше доминантен во првите две рунди. Пол ја презеде контролата во следните рунди и освои голема предност пред противникот, и на крајот од 8 рунда успеа да го совлада противникот на поени.
Поклонувајќи му се на противникот во последните секунди од мечот, Пол ја покажа својата почит кон Тајсон.
- 11-та победа на Пол
Со 20,8 милиони следбеници и речиси 7,7 милијарди прегледи на YouTube, Пол својата боксерска кариера ја започна во 2018 година.
27-годишниот американски боксер Пол, кој синоќа против Тајсон ја имаше својата 12-та професионална борба, ја постигна 11-та победа, од кои 7 со нокаут.
58-годишната боксерска легенда Тајсон, кој во својата кариера постигна 50 победи, од кои 44 со нокаут и го опишуваат како „можеби најбруталниот боксер што некогаш зачекорил во професионалниот ринг“, го претрпе седмиот пораз.
Американските медиуми објавија дека Пол благодарение на овој меч ќе заработи најмалку 40 милиони долари, а Тајсон приближно 20 милиони долари.