Sarp Özer
11 Јануари 2019•Ажурирај: 12 Јануари 2019
ШАНЛИУРФА (AA) - Министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, изјави дека неговата земја ќе ја продолжи борбата против тероризмот сè додека не биде елиминиран и последниот терорист, дека Турција нема никакви проблеми со Курдите и дека е завршено планирањето на операцијата за Мунбич, јавува Anadolu Agency (AA).
Акар во придружба на началникот на Генералштабот на Турција, Јашар Ѓулер, и командантот на Копнените сили, генералот Умит Дандар, ги посети турските единици во југоисточниот турски град Шанлиурфа, на самата граница со Сирија.
Во таа пригода Акар истакна дека Турција работи на преземање на сите потребни мерки за безбедност и благосостојба на земјата и народот, како и на нејзините граници.
Акар подвлече дека борбата против тероризмот ќе биде продолжена сè додека не биде отстранет и последниот терорист во оваа земја и нагласи дека Турција додека води борба против тероризмот го почитува и ќе продолжи да го почитува територијалниот интегритет на секоја земја, првенствено на Ирак и Сирија.
„Секој треба да знае дека наша цел не е ничија територија. Наша единствена цел е да обезбедиме безбедност за нашата земја, народот, границите и безбедносните сили на пограничниот простор. Секој треба да знае дека ние во оваа борба немаме никаква друга цел“, нагласи Акар.
Тој наведе дека Турција е решителна во тоа да не дозволи формирање терористички коридор на југот на Турција.
„Единствена цел во нашите операции се терористите и само терористите. Како што терористичката организација ДЕАШ не е претставник на муслиманите, ниту терористите на ЈПГ/ПКК не се претставници на нашите браќа Курди. Ние немаме никаков проблем со браќата Курди, ниту со браќата Арапи во Сирија, ниту со другите етнички групи. Наша единствена цел е борба против ДЕАШ и ПКК/ЈПГ“, рече Акар.
Говорејќи за плановите на подрачјето источно од Еуфрат, Акар порача:
„Планирањето на операцијата во Мунбич е завршено, терористите ќе бидат погребани во нивните ровови.“