Davut Demircan
21 Април 2020•Ажурирај: 21 Април 2020
АНКАРА (АА) - Фокусот на Турција кон надворешно-политичките прашања продолжува, и покрај пандемијата на коронавирусот, истакна шефот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Владата продолжува со фокусирање на предизвикот со коронавирусот и дома и во странство, но ние работиме и на надворешно-политичките прашања како што се прашањата поврзани со Сирија, Либија и Егејското Море. Како што укажа претседателот Ердоган, сирискиот режим се обидува да ја искористи ситуацијата“, истакна Алтун преку Твитер.
Алтун истакна дека Турција се држи до Договорот склучен на 5 март со Русија и е одлучна во тоа да не му дозволи на сирискиот режим напади во Идлиб, и покрај провокациите.
Тој додаде дека Турција ќе продолжи да се придржува и кон Договорот склучен со Либија.
„Претседателот Ердоган јасно стави до знаење дека меѓународната заедница мора да ја поддржува легитимната либиска Влада. Нејзиниот најнов напредок против силите на пучистот Хафтар покажува дека поддршката на Турција се исплати“, рече тој.
Алтун додаде дека не се само режимите и силите на пучистите оние кои сакаат да ја искористат ситуацијата со пандемијата, туку и терористите на ЈПГ/ПКК.
„Но Турција ги продолжува своите операции без запирање“, додаде Алтун.
Осврнувајќи се и на напорите за борба против ширењето на коронавирусот, Алтун нагласи дека Турција го зголемила капацитетот на болнички кревети, како и својот ланец на снабдување.
Тој потсети дека турските државни службеници се во првите редови, дистрибуирајќи ги неопходните работи на оние кои имаат потреба од нив.
„Турција го зголеми тестирањето на дневна основа на околу 40.000 на ден. Постојат охрабрувачки знаци (намалување на стапката на заразеност, раст на бројот на излекувани, израмнување на бројот на пациенти на интензивна нега и смртни случаи) со кои ја „срамнуваме кривата“, додаде тој.
Турција вчера потврди уште 123 смртни случаи од Ковид-19 во изминатите 24 часа, со што бројот на починати достигна 2.140.
Вкупниот број на регистрирани случаи со коронавирус во земјата се искачи на 90.980, пораст за 4.674 лица кои беа позитивни на вирусот во последните 24 часа.
Вчера беа пријавени 1.454 излекувани пациенти, а вкупниот број на излекувани од вирусот се искачи на 13.430.
„Турција бесплатно дистрибуира маски и досега нема недостиг на лекови или респиратори“, потенцира Алтун.
„Со инструкциите на претседателот Ердоган, нашите компании од полето на бионауката и производствените компании се здружија со цел да произведат 5.000 респиратори до крајот на мај“, рече тој.
Алтун соопшти дека Турција ќе спроведе четиридневен полициски час во 31 поголем град во земјата од 23 април, со цел да го спречи ширењето на вирусот. Додаде дека со зајакнувањето на мерките во текот на месецот Рамазан, Владата се надева на подобрување по празникот Рамазан бајрам.
„Претседателот Ердоган наложи вложување големи напори за враќање на нашите иселеници од целиот свет под услов да се согласат на 14-дневен карантин. Околу 25.000 турски граѓани ќе можат да се вратат во Турција за месецот Рамазан “, рече директорот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун.