21 Август 2020•Ажурирај: 22 Август 2020
АНТАЛИЈА (АА) - Хатиџе Оздемир Тосун
Од почетокот на пандемијата на коронавирусот (Ковид-19) во Анталија, која важи за сигурно одморалиште, ја посетија повеќе од милион туристи, јавува Агенција Анадолија (АА).
По укинувањето на забраната за авионски летови, Анталија повторно стана една од истакнатите туристички дестинации на глобален план.
Претседателот на Групата на градскиот туристички совет, Реџеп Јавуз, за АА рече дека туризмот во светот минува низ еден од најтешките периоди во историјата и дека ситуацијата може да се менува секој момент, со оглед на глобалната пандемија на Ковид-19.
Укажувајќи на проблемите и пречките со кои се соочуваат туристичките сектори во Шпанија, Франција, Хрватска, Бугарија и други земји, Јавуз рече дека Анталија исто така водела битка со предизвиците.
Нагласувајќи дека и на Анталија и во турскиот туризам воопшто, значително помогнала Програмата за сертифициран безбеден туризам, Јавуз рече дека промоцијата на понудата вродила со плод.
Туризмот во Анталија и генерално во Турција направи големи чекори во јули, а од почетокот на годината до 19 август оваа турска медитеранска дестинација ја посетија повеќе од милион туристи од сите делови на светот.
„Не е тоа занемарлива бројка во вакви услови во кои можевме да имаме ситуација да не дојде ниту еден турист. Малку се дестинациите во светот кои оваа година ги посетија милион туристи“, рече Јавуз.
Тој истакна дека до крајот на туристичката сезона останале уште два и пол месеци и додаде дека е потребно да се почитуваат препораките и наредбите на надлежните институции за туризмот да ги оствари целите во наредниот период.
Анталија оваа година ја посетија туристи од 31 држава, а најмногу туристи дојдоа од Украина и Русија.
„Анталија, како дестинација за одмор, ја избраа 299.967 туристи од Украина, 281.398 туристи од Русија, 221.151 турист од Германија и 85.850 туристи од Велика Британија. Вкуно, Анталија ја посетиле 1.087.959 туристи“, информира Јавуз.