Seda Sevencan
19 Август 2020•Ажурирај: 21 Август 2020
АНКАРА (АА) - Како што го отфрли Договорот од Севр од 1920 година, кој имаше за цел да ја приклешти и да ја заузда турската нација, Турција ќе го стори истото со обидите за нејзино ограничување од енергетските ресурси во близина на нејзиното крајбрежје, порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Исто како што го отфрли Договорот од Севр пред 100 години, Турција нема да се поклони пред новиот Севр кој ѝ се наметнува за Источниот Медитеран“, порача Ердоган во турскиот главен град Анкара.
Говорејќи на свеченото отворање на фабрика за соларна технологија, Ердоган порача дека ниту една колонијална сила не може да ја лиши Турција од енергетските ресурси, за кои се вели дека постојат во регионот.
Турција ги обвинува Грција, Франција, Египет и други земји дека се обидуваат нелегално да ја лишат од енергетските ресурси во Средоземното Море и да ја попречат, иако Турција има најдолго крајбрежје на тоа море од која било друга земја.
„Борбата што Турција ја води на различни фронтови, од Источниот Медитеран до Либија, не е само борба за правата, туку и борба за иднината“, додаде Ердоган.
Турскиот претседател во своето обраќње изјави дека Турција е една од земјите кои најуспешно управувале со кризата со коронавирусот. Тој рече дека во Турција од почетокот на годината па до крајот на јули во индустрискиот регистар се впишани 8.266 нови претпријатија.
Истакна дека приватниот сектор и јавните институции во Турција следат единствен пат во време кога како резултат на пандемијата на коронавирусот во голем број земји инвестициите се скоро сопрени.
„Се обидуваме да ја вратиме нашата економија во тренд на раст, без да го жртвуваме здравјето на нашите граѓани и без да жртвуваме ниту еден наш граѓанин“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека не е лесно да се надмине здравствената криза која живот ги чинеше 800.000 луѓе во светот, Ердоган изјави дека епидемијата влијае не само на општествениот живот, туку на секој аспект од секојдневниот живот, од производството до трговијата, од туризмот до образованието.
Како што рече, Турција благодарение на мерките и одлучните чекори што ги презеде навреме, е една од земјите што успешно се справуваше со кризата поради епидемијата.
„Иако во последниот период бројот на случаи делумно се зголеми, епидемијата и понатаму е под наша контрола. Гледаме дека воздушниот сообраќај го враќа својот тренд што го изгуби. Со зголемувањето на бројот на гости од Русија, Украина и Германија, нашиот туристички сектор почна да се опоравува. Исто така, индустриското производство во јуни покажа силни месечни и годишни резултати. Со месечно зголемување на производството од 17,6 отсто, станавме една од првите пет земји во светот којашто најбрзо се опорави“, рече Ердоган.