Lejla Bıogradlıja
17 Април 2016•Ажурирај: 18 Април 2016
САРАЕВО (АА) - Главниот град на Босна и Херцеговина, Сараево, овие денови беше домаќин на филмската екипа на докумантарниот серијал „Првата светска војна одблизу”, на наградуваниот турски режисер Тефик Шенол.
Всушност, станува збор за документарен серијал, комбиниран со стручна драматургија, кој се состои од 22 епизоди од по 36 минути. Филмот е поддржан од Центарот за цивилизациски истражувања (MEDAM), Турската радио телевизија (TRT), телевизијата Ал Џезира, а се снима на повеќе локации во Турција, Мароко, Азербејџан и Босна и Херцеговина.
Филмската екипа веќе објави делови од снимањето во Сараево. Екипата на Anadolu Agency ги посети во текот на снимањето на еден филмски сет и дозна за каков проект станува збор.
- „Првата светска војна одблизу”, нема да биде класичен документарен филм -
Режисерот на филмот, Тефик Шенол, инаку двоен добитник на престижната филмска награда „Златен портокал” на фестивалот во Анталија, рече дека документарниот филм се снима на автентични локации во повеќе земји низ светот.
„Не сакавме овој филм да биде класичен документарен филм, поради тоа одлучивме да се комбинира со драматургија и тој начин да се прикаже всушност вистинскиот живот за време на Првата светска војна”, рече Шенол.
Претседателот на Центарот за цивилизациски истражувања, Бурхан Короглу, за Anadolu Agency изјави дека цел им е да се направи еден сеопфатен филм за Првата светска војна, со оглед на тоа дека овие години се одбележува 100-годишнината од нејзиниот почеток.
„Документарниот серијал се состои од 22 епизоди со тоа што секоја епизода трае 36 минути. Во документарниот филм сакаме да ставиме посебен акцент на фактот колку војната имала влијание на Османлиската држава”, рече Короглу.
Нагласи, исто така, дека целта е со овој филм да се покаже и одразот на Првата светска војна на тогашната општествена состојба, како и поединечните човечки трагедии. Според него, сето тоа ќе биде прикажано преку модерната технологија, анимација, инфографика и драматургија.
Снимањето на документарниот филм досега е изведено во Турција, а по БиХ снимањето продолжува во Мароко и Азербејџан. Филмот планирано е да се заврши и да биде прикажан до крајот на 2017 година.