Zeynep Rakipoğlu,Kübra Kara
24 Декември 2022•Ажурирај: 28 Декември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) – Во Истанбул се одржа 3. Меѓународен самит за нулта отпад и церемонија на доделување награди, а во областа на медиумите, еден од добитниците на награда беше и Агенција Анадолија (АА).
Првата дама на Туркије, Емине Ердоган, сопругата на претседателот Реџеп Таип Ердоган, се обрати на свеченоста одржана во Конгресниот центар Халич во Истанбул, во организација на Министерството за животна средина, урбанизам и климатски промени на Туркије.
„Движењето за нулта отпад, што го започнавме ние, ќе остане во ваши раце и ќе го наследи целиот свет и идните генерации“, рече Емине Ердоган.
Потсетувајќи дека се во петтата година од Движењето за нулта отпад, што, како што истакна, е знак за конкретни чекори што се преземени не само за иднината на Туркије, туку и за иднината на светот, Ердоган им се заблагодари на институциите, организациите, претставниците на приватниот сектор и на невладините организации кои го поддржаа проектот.
„Како Туркије, подготвени сме да го споделиме нашето искуство за нулта отпад со која било земја што го сака тоа, и да направиме сè што е потребно за да го претвориме нулта отпад во глобално движење. Семето што го засадивме со надеж во овие краеви пред пет години се претвора во големо стебло чија сенка денес допира и до најоддалечените земји. Овој успех првенствено му припаѓа на нашиот народ, кој ја усвојува филозофијата на нулта отпад како животна филозофија и го збогатува со своите доброволни прилози. Искрено им заблагодарувам на сите еколошки херои чии срца чукаат со природата“, рече првата дама на Туркије.

По обраќањето беа доделени награди, а од областа на медиумите награда доби и Агенција Анадолија (АА), којашто ја прими претседателот на Управниот одбор и генерален директор на АА, Сердар Караѓоз.
Резолуцијата за иницијативата за нулта отпад, што пред пет години ја започна Емине Ердоган, е усвоена на ниво на Обединетите нации и по тој повод 30 март е прогласен за Меѓународен ден на нулта отпад.
Проектот Нулта отпад, започнат пред пет години под покровителство на Емине Ердоган, кој преку превенција на локалниот отпад, воспоставување системи за сепарација и рециклирање на отпадот од страна на општините, развој на иновативни проекти во кои отпадот повторно се користи и зголемување на производствените модели каде ресурсите се користат ефикасно, придонесува за борба против климатските промени, ги премина границите на Туркије во изминатите години и се најде и на различни меѓународни платформи.
Емине Ердоган во септември се сретна со генералниот секретар на ОН во Њујорк за време на 77. состанок на Генералното собрание на ОН и ја потпиша „Глобалната декларација за добра волја за нулта отпад“ во рамки на билатералната борба против климатската криза.