Burak Bir
11 Февруари 2022•Ажурирај: 14 Февруари 2022
АНКАРА (АА) ‒ Денеска од Анкара, главниот град на Турција, тргна вториот хуманитарен воз со 921 тон помош за Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Хуманитарниот воз од Турција до Авганистан ќе помине 4.168 километри и ќе ја транспортира помошта на 16 хуманитарни организации во 45 вагони, координирани од Управата за вонредни состојби на Турција (АФАД).
„Возот ќе помине низ Иран и Туркменистан и ќе достави значајна хуманитарна помош во Авганистан“, рече Хасан Пезук, шеф на Железниците на Република Турција (TCDD), за време на прошталното обраќање.
Меѓу присутните беа истакнати турски претставници, вклучително и заменици-министри за внатрешни работи и транспорт, претставници на хуманитарни организации, АФАД и Дирекцијата за верски прашања (Дијанет).
Двата воза, кои превезуваа 750 тони помош во 47 вагони, тргнаа од Анкара на 27 јануари, а во Авганистан пристигнаа на 7 февруари.
Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (OCHA) соопшти дека половина од населението во Авганистан се соочува со глад, а повеќе од 9 милиони луѓе се раселени. Исто така, милиони деца немаат можност да одат на училиште.
ОН и партнерите претходно упатија повик за средства од 4,4 милијарди американски долари за спречување на хуманитарна катастрофа во Авганистан во 2022 година.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди дека милиони Авганистанци би можеле да умрат од глад, апелирајќи до меѓународната заедница да дозволи користење на замрзнати средства и да се активира банкарскиот систем.