Enes Kaplan
14 Ноември 2016•Ажурирај: 15 Ноември 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган остро одговори на критиките и најавите од Европската Унија за можно прекинување на преговорите со Турција, и ја најави можноста за одржување референдум за ова прашање по Нова година, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот претседател Ердоган им се обрати на присутните на собирот „Национален земјоделски проект“, во народниот културен и конгресен центар Бештепе во Анкара, и притоа остро ја критикуваше Европската Унија поради најавата од можно запирање на преговорите за пристапување на Турција во Унијата.
„Задоцнивте, одлуката донесете ја веднаш. Еве, почитуваниот премиер и министрите на Турција се тука, јас како претседател на државата велам да се стрпиме до крајот на годината, а потоа да му се обратиме на народот“, рече Ердоган.
Ердоган им порача на официјалните претставници на ЕУ првин да ги одржат ветувањата дадени на Турција.
„Прво исчистете ги претставниците на терористичките организации во и околу зградите на Европскиот парламент, Европскиот конгрес и други. Ова прашање не се решава со тоа што ќе се стави ПКК на листата на терористички организации, туку исчистете ги нивните претставници од својот двор, па тогаш да ве видиме. Во моментов, терористичките агенти делуваат во Германија, Франција, Шведска, Холандија и на сите страни“, рече Ердоган.
Осврнувајќи се и на критиките што претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц ги упати кон Турција, Ердоган рече дека е јасно оти одредени кругови сакаат Турција да ја збијат на мал простор.
„Нека не ги кријат своите адути. Погледнете што вели тој циник, вели дека може да ни наметнат санкции. И да ги ставите сите санкции што ги имате, што би добиле? Доцните, премногу доцна е за тоа. Ние како одговор на овие напади ги газиме сите нивни предавства, средства и алатки што ги користат“, рече Ердоган.
Коментирајќи ги острите критики што Западот ги упатува кон Турција во врска со расправите за можноста да се врати на сила смртната казна во земјата, претседателот Ердоган јасно порача дека судбината на турскиот народ е во негови раце и во рацете на неговите власти, а не во рацете на Западот.
„Денес, во поголемиот дел од светот ја имате оваа казна. Кој си ти, некој претседател на парламент, и од кога имате ингеренции да донесувате одлуки во име на Турција? Како е можно ти, или вие, кои Турција не ја примивте во Унијата 53 години, сега да донесете таква одлука за прекин на преговорите. Вие не сте ја запознале Турција. Овој народ сам ги носи своите одлуки", рече Ердоган.
Претседателот на Турција, Ердоган, се осврна на борбата против тероризмот во Турција и рече дека новиот безбедносен концепт во земјата нема да толерира никакви форми на активности на ПКК или на која било друга терористичка организација.
„Новиот концепт за безбедност нема да толерира никакви активности на терористичките организации, без оглед на нивниот обем. Напротив, во такви случаи ние ќе ја искористиме својата моќ, ќе се искачиме на врвот на терористичкиот рид, ќе ги пронајдеме, и во согласност со правните рамки ќе ги процесуираме и соодветно ќе ги казниме сите терористи, нивните приврзаници и оние што ги поддржуваат и се нивни симпатизери", порача Ердоган.
Ердоган нагласи дека Турција до денес не дозволила ниту една капка крв од загинатите херои да протече залудно, и дека земјата и нејзиниот народ и во иднина најсилно ќе одговорат на сите напади и предавства со цел никому веќе да не му дојде на ум некоја слична намера.
„Нека падне срам на нас ако не успееме светот да го направиме премал за да може да побегне кој било што ќе се обиде да убие или ќе убие војник, полицаец, службеник или државјанин на оваа земја, како и сите оние што тие напаѓачи ги поддржуваат, материјално или политички", порача Ердоган.