Faruk Zorlu
23 Декември 2022•Ажурирај: 24 Декември 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ја критикуваше Грција поради нејзиниот непријателски пристап кон мигрантите, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Односот на нашиот западен сосед Грција кон мигрантите сега достигна ниво на дивјаштво“, рече Ердоган во своето обраќање на воведниот конгрес на Конференцијата за уставни јурисдикции на исламскиот свет во Истанбул.
„За жал, западните земји не реагираат на оваа бруталност на Грција“, додаде турскиот лидер.
„Сите сме длабоко тажни поради рамнодушноста кон сликите кои го кршат срцето од границата и засолништата за бегалци кои личат на нацистички кампови“, рече тој.
„Сличен пристап е просведочен и во борбата против терористите, при што ги кријат зад фразата „баратели на политички азил“ за да ги згрижат терористите“, додаде тој.
Обвинувајќи го Западот дека не е доволно чувствителен за ова прашање, Ердоган рече дека западните земји и некои институции кои ги затвораат своите врати за мигрантите од Сирија, Ирак и Африка покажуваат „високо ниво на толеранција кон терористичките организации ПКК и ФЕТО“.
„Сепаратистичката терористичка организација ПКК ги финансира своите напади врз Сирија, Ирак и Туркије со примање и собирање донации од тие земји секоја година“, додаде тој.
Говорејќи за сириската криза за која рече дека ги однела животите на повеќе од 1 милион Сиријци, Ердоган нагласи: „За жал, човештвото не го положи тестот пред оваа криза.“
„Западните земји и институции го креваат својот глас за човечката трагедија во Сирија, само кога бегалците ќе тропнат на нивните врати“, рече тој.
„Наместо да најдат решение за кризата, нивната реакција се манифестира така што ги затвораа мигрантите зад оградите од бодликава жица“, рече турскиот претседател и додаде:
„Кога станува збор за нивниот сопствен просперитет, безбедност и сигурност, оние кои ги игнорираат угнетените надвор од нивните граници, ги прикажуваат најпримитивните примери на фашизам“.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, која се наоѓа на листата на терористички организации на Туркије, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на повеќе од 40.000 луѓе, вклучувајќи жени, деца и стари лица. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.
Терористичката организација ФЕТО стои зад неуспешниот обид за пуч на 15 јули 2016 година во Туркије, во кој загинаа 251 лице, а 2.734 беа повредени.
ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрација на свои приврзаници во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.