Burak Bir
29 Јануари 2021•Ажурирај: 30 Јануари 2021
АНКАРА
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека ќе бидат изречени големи казни за трговците што продаваат храна по високи цени, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Оние кои се одговорни за високите цени на храната ќе се соочат со големи казни“, рече Ердоган пред новинарите по петочната молитва (џума намаз) во Истанбул.
Тој истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува малите бизниси за време на пандемијата.
„Падот на бројот на починати [од Ковид-19] дава голема надеж“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател додаде дека се надева оти ќе се надминат негативните случувања што произлегуваат од новите варијанти на Ковид-19.
Во Турција од почетокот на епидемијата на коронавирусот регистрирани се вкупно 25.605 смртни случаи, додека над 2,34 милиони луѓе се излекуваа од него. Досега во земјата има над 2,45 милиони потврдени случаи на вирусот.
- Правата на животните -
Како одговор на новинарско прашање, Ердоган соопшти дека Парламентот може во секој момент да го донесе Законот за правата на животните.
Предложениот закон се очекува да наметне нови одговорности за сопствениците на миленичиња.
Во врска со неговиот телефонски повик со извршниот директор на „Тесла“ и основач на „Спејс икс“, Илон Маск, Ердоган рече дека Турција ќе се координира со компанијата во врска со вселенската технологија.