Bedrudin Brljavac
28 Мај 2023•Ажурирај: 28 Мај 2023
ХАТАЈ/АДАНА (АА) - Граѓаните на Хатај, Османије и Адана во Туркије и на другите подрачја погодени од разорните земјотреси од февруари годинава, исто така, излегоа на гласање за да гласаат во вториот круг од претседателските избори, јавува Анадолу.
Во Хатај, каде што повеќе од еден милион граѓани имаат право на глас, гласачите доаѓаат од утринските часови за да ја извршат својата граѓанска должност.
Контејнерите за гласање се поставени во многу населби и училишта на кои нема сериозни оштетувања од земјотресот и се безбедни за гласање.
До избирачките места е организиран и бесплатен превоз за граѓаните што привремено се сместени во контејнерски и шаторски населби и кои немаат можност да дојдат до местата за гласање.
Граѓаните од утринските часови пристигнуваат во училиштата во Османије, како и во Адана.
Избирачките места низ Туркије беа отворени утринава во 8 часот по локално време (7 часот по средноевропско време), со што започна гласањето за вториот круг од претседателските избори во оваа земја.
Повеќе од 64 милиони граѓани на Туркије со право на глас во вториот круг избираат меѓу актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, кандидатот на Народна алијанса, и кандидатот на опозициската Национална алијанса, Кемал Киличдароглу. Во вториот круг од изборите право на глас ќе имаат дополнителни 47.523 гласачи, кои во меѓувреме навршиле 18 години.
Во првиот круг од изборите, одржани на 14 мај, Ердоган освои 49,5 отсто од гласовите, а лидерот на турската опозиција Кемал Киличдароглу собра 44,89 отсто од гласовите. Народна алијанса на Ердоган, предводена од владејачката Партија за правда и развој (АК Партија), освои мнозинство во државниот Парламент во првиот круг.
Гласањето на избирачките места надвор од земјата и на граничните премини во вториот круг започна на 20 мај. Гласањето во дипломатските претставништва на Република Туркије во странство, во вкупно 73 земји, заврши во среда. Гласањето на граничните премини продолжува до затворањето на редовните избирачки места, денес до 17 часот.
Според податоците на Врховната изборна комисија на Туркије, во вториот круг од изборите повеќе од 1,92 милиони луѓе гласале во турските странски мисии и на граничните премини до 16 часот по локално време во сабота.
Според соопштението на Врховната изборна комисија на Туркије, првите прелиминарни и неофицијални резултати од вториот круг на претседателските избори ќе бидат објавени истиот ден, по затворање на избирачките места.