Tolga Yanık
05 Јануари 2026•Ажурирај: 05 Јануари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) – Извозот на Турција во одбранбената и авиоиндустријата достигна 10,05 милијарди долари во 2025 година, што претставува раст од 48 отсто во однос на претходната година, соопшти претседателот на Секретаријатот за одбранбени индустрии, Халук Ѓоргун, јавува Анадолу.
Говорејќи на церемонијата за објавување на бројките за надворешна трговија во Истанбул, Халук Ѓоругн за Анадолу изјави дека 2025 година била година на рекордни бројки за Турција во однос на вкупниот извоз, како и во одбранбената индустрија.
Тој нагласи дека земјата бележела рекорди секој месец во текот на 2025 година во споредба со претходната година, додавајќи дека историски рекорд е постигнат во декември, кога извозот на одбранбената и авиоиндустријата надминал 2,5 милијарди долари.
Според него, во 2025 година извозот на стоки од одбранбената и авиоиндустријата изнесувал 9,87 милијарди долари, додека извозот на услуги достигнал 184 милиони долари.
Ѓоргун истакна дека новите одбранбени договори пораснале за околу 80 отсто во 2025 година, потсетувајќи дека извозот на секторот во 2024 година изнесувал 7,1 милијарда долари.
„Во однос на создавањето на нови нарачки од потпишаните договори, 2024 година ја завршивме со 10 милијарди долари нови договори, а 2025 година со 17,8 милијарди долари, што претставува раст од 78 отсто“, рече тој.
Тој додаде дека растот на извозот од одбранбената индустрија појасно се согледува преку неговиот удел во вкупниот извоз на Турција.
„Во 2022 година извезувавме во износ од 4,4 милијарди долари, а уделот на одбранбената и авиоиндустријата во вкупниот извоз беше 1,7 отсто. Денес тој удел достигна 3,7 отсто.“
Ѓоргун нагласи дека овие резултати се овозможени од компании кои произведуваат висококвалитетни и исплатливи производи, како и од обезбедувањето постпродажна поддршка и сигурност.
Ѓоргун потсети дека земјата минатата година објавила многу нови договори и големи успеси со јавноста, велејќи: „Потпишавме договор за извоз на воени бродови со Португалија.“
„Кон крајот на годината, потпишавме договор со Шпанија, една од водечките земји во светот во воздухопловството, за авионите за обука Хуџрет.“
„Во јуни Турција потпиша договор со Индонезија за борбениот авион Каан (KAAN), а со Романија беше склучен договор за офшор патролен брод“, додаде Ѓоргун.
Тој истакна дека биле потпишани бројни договори за беспилотни летала во регионот на Заливот и во Африка, како и договори за муниција, нагласувајќи дека земјата ја завршила 2025 година со рекордни нови договори во вредност од 17,8 милијарди долари.
Според Ѓоргун, 2026 година се гледа како година во која ќе се зголемат испораките и ќе се постигнат нови рекорди.
„Кога ќе ги погледнеме земјите во кои најмногу извезувавме минатата година, четири од првите десет се европски држави, а една се САД“, рече тој.
„Вкупно околу 5,6 милијарди долари, односно 56 отсто од извозот од 10 милијарди долари, се насочени кон ЕУ, НАТО-земјите и САД. Потоа следуваат Азиско-пацифичкиот Регион, Блискиот Исток и Африка.“