Mahmut Geldi
19 Јануари 2020•Ажурирај: 20 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Администрацијата на Египет ги ослободи вработените на Агенција Анадолија (АА) кои беа приведени при полициската рација во канцеларијата на АА во египетскиот главен град Каиро.
„Ослободени се сите наши вработени кои на 14 јануари беа приведени во Египет“, рече Шенол Казанџи, претседател на Управниот одбор и генерален директор на АА.
Казанџи потсети дека во четвртокот беше ослободен и се врати во Турција Хилми Балџи, одговорно лице за финансиски и административни работи во канцеларијата на АА во Каиро.
Според него, останатите тројца вработени на АА кои се државјани на Египет, се ослободени со кауција од по 10.500 египетски фунти (околу 600 евра), но, рече тој, канцеларијата на АА во Каиро сѐ уште се држи под полициска контрола.
Потсетуваме, египетската полиција на 14 јануари изврши рација во канцеларијата на АА, при што приведе четворица вработени, од кои еден турски државјанин.
Египетското Обвинителство за национална безбедност ги обвини вработените на АА за „ширење лажни и фабрикувани вести од карактер што може да го наруши јавниот мир и поредок“.
Меѓународните организации, пред сѐ Обединетите нации (ОН), интензивно реагираа против оваа рација на египетската полиција.