Mümin Altaş
07 Март 2018•Ажурирај: 08 Март 2018
АНКАРА (АА) - Портпаролот на кабинетот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, денес во Анкара изјави дека Турција ги активирала сите ресурси за да се стави крај на крвопролевањето во подрачјето на Источна Гута, Сирија, вклучувајќи ги и претходно започнатите хуманитарни активности и дипломатски напори на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Anadou Agency (AA).
Потсетувајќи дека Ердоган за ситуацијата во Источна Гута синоќа телефонски разговарал со рускиот колега Владимир Путин, Калин на денешната прес-конференција најави дека Ердоган за истата тема попладне ќе разговара и со иранскиот претседател, Хасан Рухани.
„Очекуваме, со наредбите кои ги издаде Путин, во наредните денови да дојде до значајно смирување на ситуацијата во Источна Гута“, изјави Калин.
Осврнувајќи се на воената операција „Маслинова гранка“, Калин изјави дека терористите од регионот Мунбич, се преместуваат во Африн.
„Очекуваме трансферот на терористите од Мунбич во Африн да го спречат САД, по чија контрола дејствува ЈПГ/ПЈД. Тоа барање е наше најприродно право“, порача Калин.
Калин најостро го осуди и инцидентот, кој се случи на 5 март во Атина, кога демонстрантите го запалија турското знаме.
„Најостро го осудувам чинот на палење на нашето знаме, кое на протестите во Атина го изврши расистичка политичка партија. Веќе реагиравме на тоа и сакам да нагласам дека очекуваме од грчките власти да ги уапсат и процесуираат сторителите. Меѓу земјите може да има различни ставови и несогласувања, но палењето на туѓо знаме е злосторство сторено од омраза“, изјави Калин.
Коментирајќи го и случајот на апсење и ослободување на поранешниот лидер на терористичката организација ПЈД/ПКК, Салих Муслум во Прага, а потоа и неговото појавување на собир во Берлин, Калин изјави дека тоа е случај, поради кој Европјани би требале да седнат и добро да размислат.
„Европјаните треба сериозно да се запрашаат зошто и како овозможуваат слободно движење на човек, кого Турција, како важен сојузник на Европа, го смета за еден од најбараните терористи. Нека се запрашаат, а нека не се чудат зошто Турција реагира остро на тоа“, порача Калин.