Muhammet Tarhan
09 Октомври 2020•Ажурирај: 12 Октомври 2020
АНКАРА
Портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, во врска со состанокот на копретседателите на групата Минск на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), одржан во Женева за решавање на конфликтот во Нагорно Карабах, рече дека ако само се повикува на прекин на огнот, тоа нема да биде ништо ново освен повторување на она што се случи во последните 30 години и дека ако нема детален план за крај на окупацијата, речиси сигурно е дека ќе биде неуспешен, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, одговараше на прашањата на телевизијата „Ал Џезира инглиш“ (Al Jazeera English).
Одговарајќи на прашањето зошто Турција не сака дипломатско решение на кризата во врска со Нагорно Карабах, портпаролот Калин рече дека го поддржуваат дипломатското решение на кризата, и ја повика групата Минск на ОБСЕ да напише календар со нов предлог во кој „ќе има одредени упатства за ставање крај на постојните конфликти“ и особено предлог „за да се најде начин да се стави крај на окупацијата на азербејџанските територии од Ерменија“.
Калин рече дека групата Минск на ОБСЕ всушност направила „многу малку“ за да се стави крај на овој проблем во Јужен Кавказ и дека треба да се најде нова мапа на патот, она што го бараат и Азербејџанците.
„Да за прекин за огнот, но прекинот на огнот треба да биде одржлив и единствено нешто што ќе го направи тоа одржливо е да зборуваме за крајот на ерменската окупација на териториите на Азербејџан“, нагласи Ибрахим Калин.
Истакнувајќи дека Нагорно Карабах е азербејџанска територија според резолуциите на Обединетите нации (ОН), Калин нагласи: „Да за дипломатско решение, но со календарот мора да дојде и мапа на патот што ќе стави крај на окупацијата на Нагорно Карабах од страна на Ерменија.“
На прашањето „Дали ги поддржувате напорите на претставниците на Франција, Русија и САД, кои отидоа во Женева за изготвување нова мапа на патот?“, Калин одговори: „Ако само се повикува на прекин на огнот, тоа нема да биде ништо ново освен повторување на она што се случи во последните 30 години. Ако нема детален план за крај на окупацијата, речиси сигурно е дека ќе биде неуспешен.“
- „Ние би сакале да го видиме крајот на окупацијата на азербејџанските територии“
Калин, на прашањето каде е улогата на Турција тука, зошто Турција зазема позиција, зошто е толку моќна во овој конфликт, одговори: „Од две причини: првенствено, случувањата во Јужен Кавказ директно влијаат на односите на Турција со Азербејџан, Грузија и поголем дел од Кавкаскиот Регион.“ Од друга страна, Калин, истакнувајќи дека Турција има посебни односи со Азербејџан, рече: „Ние велиме дека сме ’една нација, две држави‘. Покрај културните, економските, политичките односи, имаме воен договор кој трае многу долго. Ние би сакале да го видиме крајот на окупацијата на азербејџанските територии.“
Портпаролот Калин исто така изјави дека, според сите резолуции на ОН, Ерменија го окупира Нагорно Карабах исто како што Израел ги окупира палестинските земји и дека тоа не може да биде правна или политичка дискусија.