Fatih Hafız Mehmet
15 Јули 2018•Ажурирај: 15 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин, во телефонски разговор ги разгледаа понатамошните чекори во соработката на повеќе проекти, изјави за Аnadolu Agency (AА) извор од Канцеларијата на турскиот претседател.
Тие разговараа за „Турскиот тек“, гасоводот кој се гради од Русија кон Турција, како и за изградбата на нуклеарната електрана „Акују“, во турската област Мерсин.
Првата фаза на „Турскиот тек“, во која ќе се транспортира околу 15,75 милијарди кубни метри гас од Русија во Турција е завршена во април.
Втората фаза со ист капацитет ќе транспортира гас од Русија во Европа преку Турција.
Во нуклеарната електрана „Акују“ ќе има четири реактори, секој со капацитет од 1.200 мегавати, а ќе ја гради руската државна Нуклеарна агенција „Росатом“.
Ердоган и Путин изразија задоволство за соработката на двете земји на полето на енергетиката.
Кога станува збор за регионалните и другите билатерални прашања, најголемо внимание е посветено на прашањето за Сирија. Според изворот на АА, двајцата лидери се согласиле дека дијалогот помеѓу земјите гаранти на процесот од Астана и коалициските партнери треба да резултира со политичко решение за сириското прашање.
Во разговорот, Ердоган истакнал дека нападите врз цивилите во Дера се загрижувачки, и дека доколку силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад продолжуваат да напредуваат кон Идлиб, суштината на Договорот од Астана може целосно да исчезне, изјави изворот.
„Намалувањето на негативните случувања во врска со Идлиб, би можело да ја охрабри сириската опозиција да учествува на состанокот во Астана на 30 и 31 јули“, истакнал Ердоган.
Двајцата лидери се согласија да се состанат на Самитот на БРИКС во Јоханесбург, кој ќе се одржи кон крајот на јули.