Duygu Yener
04 Ноември 2019•Ажурирај: 05 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Сојлу, изјави дека припадниците на ДЕАШ што се во раце на Турција ќе се испратат во нивните матични земји, јавува Anadolu Agency (AA).
По церемонијата по повод започнувањето на курсот за обука на службениците во полициските станици, Сојлу одговараше на прашањата на новинарите, при што во врска со прашањето на новинар за развојот на настаните во врска со двете Холанѓанки, припаднички на терористичката организација ДЕАШ, министерот Сојлу одговори дека во моментов во турските затвори се наоѓаат околу 200 припадници на ДЕАШ.
Потенцирајќи дека особено по спроведувањето на операцијата „Извор на мирот“ се фатени околу 287 припадници на ДЕАШ, меѓу кои има и жени и деца, министерот Сојлу истакна:
„Сите оние што се наоѓаат во затвор се странски терористички борци. Во исто време, и во центрите за депортација има странски терористички борци. Во врска со сите нив спроведуваме различни активности. Сите тие периодично влегле во Турција и беа фатени. Тука сите наши безбедносни тимови се во активна состојба. Кога ќе се фатат вакви лица, сите тие се префрлуваат кај судските органи. По пренесувањето или влегуваат во затвор или во центрите за депортација. Ние повремено ги враќаме во нивните матични земји.
Се разбира дека и оние коишто сега се во наши раце, ќе бидат вратени во матичните земји. Но светот дефинираше еден нов метод. Со тој нов метод се вели: ‘Ние тие лица ги исклучивме од нашите државјанства’. Особено по нашето вчерашно соопштение, се обидуваат да го наметнат следното: ‘Ним нека им се суди во земјите во кои се наоѓаат’. Тоа е веројатно некакво ново меѓународно право. Значи имаме земји кои, за жал, во 21 век многу недолично се однесуваат по прашањето за бегалците, азилантите, и сега воведуваат нова судска практика по прашањето за тероризам. Тоа е неприфатлива судска практика. Нека не тагуваат, ние припадниците на ДЕАШ што се во наши раце, без разлика дали ќе бидат лишени од нивните државјанства или не, ќе ги испратиме во нивните матични земји“, одговори турскиот министер Сојлу.