Merve Yıldızalp
04 Декември 2022•Ажурирај: 05 Декември 2022
АНКАРА (АА) - Турските безбедносни сили во северна Сирија приведоа најмалку 18 терористи на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ, соопшти денес Министерството за внатрешни работи на Туркије, известува Агенција Анадолија (АА).
Во текот на операцијата спроведена вчера во Ал Баб и Џарабулус, безбедносните сили приведоа 13 припадници на ДЕАШ, вклучувајќи и висок оперативец на терористичката група.
Безбедносните сили во одвоена акција приведоа и петмина терористи на ЈПГ/ПКК, кои се пратени во Џарабулус за спроведување на терористички напад.
При претресот одземени се пушка калашњиков, револвер, 253 иницирачки патрони и 10 килограми рачно изработен експлозив.
Туркије во 2013 година стана една од првите земји што го прогласија ДЕАШ за терористичка група.
Оттогаш оваа терористичка група повеќепати изведе напади на Туркије. Во најмалку 10 самоубиствени бомбашки напади, 7 бомбашки напади и 4 вооружени напади убиени се повеќе од 300 лица, а стотици беа повредени.
Анкара од 2016 година досега изведе три успешни големи антитерористички операции во северниот дел на Сирија, за да го спречи формирањето на терористички коридор и да овозможи мирно враќање на раселеното население. „Штитот на Еуфрат“ (2016), „Маслинова гранка“ (2018) и „Извор на мирот“ (2019) се имињата на операциите во кои од терористичката окупација се ослободени пошироки подрачја покрај пограничниот појас во северниот дел на Сирија.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, која се наоѓа на листата на терористички организации на Туркије, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на над 40.000 лица, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на таа терористичка организација.