Vakkas Doğantekin
01 Октомври 2022•Ажурирај: 02 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Туркије утрово соопшти дека ја отфрла одлуката на Русија за анексија на четири украински региони, исто како што не ја призна анексијата на Крим во 2014 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турското Министерство за надворешни работи истакна дека одлуката на Москва „претставува сериозно кршење на воспоставените принципи на меѓународното право, и не може да се прифати“.
„Туркије не ја призна руската анексија на Крим преку нелегитимниот референдум во 2014 година и во секоја прилика ја истакнува својата силна поддршка за територијалниот интегритет, независност и суверенитет на Украина“, се наведува во соопштението.
„Во согласност со овој став усвоен во 2014 година, ја отфрламе одлуката на Русија за анексија на регионите Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје од Украина“, се додава од Министерството.
Министерството понатаму нагласува дека Туркије продолжува со својата поддршка за „решавањето на оваа војна, чија сериозност постојано расте, засновано на праведен мир што би се постигнал преку преговори“.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера го најави влегувањето на регионите во рамки на Русија.
Путин рече дека одржани се референдуми, „резултатите се познати, луѓето го направија својот избор“.
Од 23 до 27 септември, украинските сепаратистички региони Доњецк и Луганск и делови на Запорожје и Херсон под руска контрола одржаа референдуми за припојување кон Русија.
Референдумите беа осудени од меѓународната заедница, а европските земји и САД ги нарекоа „лажни“ и порачаа дека тие нема да бидат признаени.