Servet Günerigök
01 Октомври 2022•Ажурирај: 03 Октомври 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Турски пратеник кој го посети американскиот главен град изјави дека членовите на Конгресот со кои неговата делегација остварила средба биле позитивни за разговорите за модернизација на флотата на турските борбени авиони Ф-16, јавува Агенција Анадолија (АА).
Заменик-претседателот на Партијата за правда и развој (AK Parti), задолжен за надворешни работи, Ефкан Ала, ја предводеше турската делегација во која беа Акиф Чагатај Килич, шеф на парламентарната Комисија за надворешни работи, Осман Ашкин Бак, претседател на турската делегација во Парламентарното собрание на НАТО, Волкан Бозкир, пратеник на АК Партијата за Истанбул, и Мехди Екер, пратеник од АК партијата за Дијарбакир.
За време на прес-конференцијата во турската Амбасада, Ала рече дека делегацијата разговарала за билатералните и регионални прашања, вклучувајќи ја и продажбата на воените авиони Ф-16 со двајца сенатори и 17 претставници од демократите и републиканците.
Последен пат го посетија Конгресот во мај.
Ала истакна дека дипломатските напори на Туркије во однос на конфликтот меѓу Русија и Украина се поздравени од нивните американски колеги, мислејќи на договорот за извоз на украинско жито склучен со посредство на Анкара и ОН, и за улогата на Туркије во размената на затвореници меѓу Русија и Украина овој месец.
„Поради оваа причина, познато е колку е неопходен пакетот за модернизација и снабдувањето со Ф-16 што го бара Туркије за безбедноста на нашата земја, одбраната на НАТО и стабилноста на нашиот регион“, рече Ала за новинарите.
„Како и на средбите на нашиот претседател (Реџеп Таип Ердоган) со одредени членови на Конгресот во Њујорк, членовите на Конгресот што ги сретнавме овде дадоа позитивни пораки во однос на модернизацијата на флотата на Ф-16 на нашата земја“, рече тој, мислејќи на разговорите на Ердоган на маргините од заседанието на Генералното собрание на ОН.
Ала рече дека сенаторот Боб Менендез, кој е претседател на Комисијата за надворешни односи на Сенатот, го предложил предлог-законот со кој се условува продажбата на Ф-16 на Туркије со Грција во Законот за национална одбрана за 2023 година.
„Сметаме дека овој амандман, кој ја обврзува продажбата на Ф-16 на Туркије со нашите билатерални односи со друг сојузник на НАТО, е неправеден и неоснован“, рече Ала.
Тој, исто така, го повика Конгресот да држи „фер и еднаков“ став кон двата сојузници на НАТО - Туркије и Грција - и да ја почитува чувствителноста на Туркије за прашањето на Егејското Море.
„Веруваме дека позитивниот исход од процесот за набавка на Ф-16 ќе има позитивно влијание врз повторното воспоставување на довербата меѓу страните и решавањето на нашите сегашни спорови“, додаде тој.
Анкара побара сетови за модернизација на Ф-16 минатиот октомври. Договорот вреден 6 милијарди долари вклучува продажба на 40 авиони и комплети за модернизација на 79 воени авиони што Турските воздухопловни сили ги имаат во својот инвентар.
Меѓутоа, во јули, Претставничкиот дом на САД го одобри законот што создава нова пречка за продажбата.
Со него се забранува продажба, освен ако претседателот Џо Бајден не потврди дека трансферот е во националните интереси на САД и му гарантира на Конгресот дека во 120 дена пред трансферот, турската Влада „не го нарушила суверенитетот на Грција, вклучително и преку територијалните прелети“.
Туркије јасно стави до знаење дека условите поврзани со Грција не се „обврзувачки“ и изрази надеж дека САД нема да паднат на такви „игри“.