Göksel Yıldırım
08 Мај 2019•Ажурирај: 09 Мај 2019
АНКАРА (АА) - ЃОКСЕЛ ЈИЛДИРИМ -
Водечката турска компанија во областа на одбранбената индустрија „Рокетсан“ разви нов систем за насочување на енергијата, „Алка“, а станува збор за иновативен систем кој се користи во борбата против тероризмот, најчесто при неутрализација на дроновите, јавува Anadolu Agency (AA).
„Рокетсан“, која е водечка турска компанија во производство на ракети, за прв пат на Меѓународниот саем за одбранбена индустрија (IDEF) во Истанбул го претстави системот за насочување енергија „Алка“.
„Алка“ на тестирањата се покажа како многу успешен во елиминирање на заканите од рачно изработен експлозив, дронови со огнено оружје, шпионски дронови, но и напад во кој се вклучени голем број беспилотни летала.
Директорот за напредна технологија во „Рокетсан“, Угур Кајасал, за АА изјави дека оваа компанија го развила „Алка“ благодарение на сопствените ресурси.
Според неговите зборови, „Алка“ содржи систем за ласерско уништување, како и електромагнетен систем за мешање.
„Благодарение на тоа, ова е многу ефикасен систем во борбата против дроновите и другите летала кои се користат во терористичките напади. Истовремено, овозможува далечинско следење на рачно изработени експлозиви. Системот прецизно ја следи целта преку радарски и електрооптички систем, кој поседува способност за истовремено следење на повеќе цели, кои потоа ги уништува. Со овој систем во моментот е заштитен еден од објектите на Рокетсан“, изјави Кајасал.
- На проектот е работено пет години -
Тој додаде дека компанијата на овој систем работела четири до пет години, и дека во последните две години се работело на самото возило кое го носи овој систем.
„Да се погоди дрон со оружје или фрлач на гранати е многу тешко. Поради тоа ние на заканите мора да одговориме со иновативно оружје. Во таа смисла работиме на тоа со помош на системот за насочување на енергијата да ја отстраниме секоја закана“, изјави Кајасал.
Тој нагласи дека „Алка“ ги поминал сите неопходни тестови и се покажал како многу ефикасен систем.
- Особено ефикасен против дроновите -
„Алка“ има способност да ја насочи електромагнетната и ласерска енергија кон одредено подрачје, а со тоа на корисникот му дава можност за електромагнетно мешање за да се спречи дејствување на еден или повеќе дронови. „Алка“ со помош на сите способности дава и можност за електромагнетно и ласерско уништување на дроновите од сигурна оддалеченост.
Алка-системот ја насочува енергијата на оддалеченост и до четири километри, а има способност да ја уништи целта на далечина од 500 метри.
Со оглед на тоа дека „Алка“ зајакнато и со голема прецизност ја насочува енергијата кон целта, може да погоди цел на посакуваната точка и така да го спречи надворешното оштетување. Трошокот за системот, кој може да се користи во дневни и ноќни услови, а кој реагира со брзина на светлината, значително е помал од конвенционалното оружје и муниција.
Се смета дека овој мобилен систем е идеално решение за станбената противвоздушна одбрана на критичните објекти, како што се бродовите, командите, базите, пристаништата и други стратешки објекти.