Ferdi Türkten
06 Септември 2020•Ажурирај: 07 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Министерството за национална одбрана на Турција соопшти дека Турските вооружени сили (ТСК) во последните 24 часа неутрализираа 16, а во последните 10 дена вкупно 91 терорист на ПКК/ЈПГ во Ирак и северна Сирија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството за национална одбрана се наведува дека борбата против тероризмот се спроведува ефективно и одлучно, дење и ноќе, без оглед на условите во планините.
„Херојските Турски вооружени сили неутрализираа 16 терористи на ПКК/ЈПГ во последните 24 часа со успешни операции во Ирак и северна Сирија. Со тоа, вкупно 91 терорист на ПКК/ЈПГ се неутрализирани во последните 10 дена. Нашите операции ќе продолжат сè додека не биде неутрализиран и последниот терорист“, се нагласува во соопштението на Министерството.
Од 2016 година, Турција спроведе четири успешни прекугранични антитерористички операции во северна Сирија за да спречи формирање терористички коридор: операцијата „Штитот на Еуфрат“ (2016), „Маслинова гранка“ (2018), „Извор на мирот“ (2019 година) и „Пролетен штит“ (2020).
Турските безбедносни сили спроведуваат опсежна борба против терористите на ПКК и на северот на Ирак.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои се наоѓаат и деца и жени.