Sebahatdin Zeyrek
13 Септември 2021•Ажурирај: 15 Септември 2021
ДЕНИЗЛИ (АА) - СЕБАХАТДИН ЗЕЈРЕК -
За време на археолошките истражувања извршени во античкиот град Триполис во областа Булдан во Денизли, откриен е канализациски систем стар 2.000 години, висок 160 сантиметри и широк 70 сантиметри, што припаѓа на римскиот период, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ископувањата вршени под раководство на доц. д-р Бахадир Думан, предавач на Археолошкиот оддел на Универзитетот „Памуккале“, продолжуваат во текот на целата година.

Античкиот град, кој датира од 3 век пр. н. е., привлекува внимание со својата архитектонска структура која опстојувала до денес. Во рамките на ископувањето откриен е систем за канализација и отпадни води, во димензии во кои човек може лесно да влезе и да пешачи.
Думан, раководител на Комитетот за ископување на древниот град Триполис, за дописникот на АА даде информации за ископувањата и реставраторските работи во градот.

Истакнувајќи дека работеле постојано во три региони и се обидувале да пронајдат многу артефакти под земјата, Думан рече: „За време на нашата работа во светилиштето, што можеме да го наречеме срце на градот, наидовме на различни наоди кои потекнуваат од хеленистичкиот период. Канализационен систем од 160 сантиметри и широк 70 сантиметри беше откриен веднаш под улицата ‘со колони‘, која е една од главните патишта на градот и е долга 1 километар. Гигантската канализација има димензии низ кои човек може лесно да влезе и да пешачи.“
Думан истакна дека во тоа време, целата отпадна вода од градот била собрана во овој главен канализациски систем и префрлена во потокот Булдан, а потоа и во реката Бујук Мендерес (Голем Мендерес).

Наведувајќи дека откриениот канализациски систем е од времето на римската архитектура и инженерство, Думан рече: „Разликата на системот во Триполис од другите е што канализацијата е зачувана до денес. Главниот канализациски систем е еден од ретките примери. Затоа е важен. Досега откривме дека има две улици широки 9 метри. Сметаме дека овој систем е изграден за да обезбеди и чиста животна средина. Во рамките на 5 години планираме да ги отвориме канализационите системи под сите главни улици каде што ги завршивме ископувањата.“