Jeyhun Aliyev
21 Мај 2020•Ажурирај: 22 Мај 2020
АНКАРА
Молитвата за Рамазан бајрам (бајрам намаз) нема да се одржи во џамиите во Турција поради коронавирусот (Ковид-19), соопшти Турската дирекција за верски работи (Дијанет), пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Бајрам намаз нема да се одржи во нашите џамии поради епидемијата на Ковид-19“, се вели во писмената изјава на Турската дирекција за верски работи (Дијанет), при што се додава дека целата нација оваа година работела напорно со цел спречување на овој вирус.
„Но, од минарињата на џамиите низ целата земја гласно ќе се слуша специјална празнична молитва и такбир, за време на бајрам намазот, така што секој во своето место ќе може да ја почувствува радоста и атмосферата на празникот“, се вели во соопштението на Дијанет.
Муслиманите низ светот го слават Рамазан бајрам, кој го означува крајот на светиот месец за муслиманите - Рамазан, деветтиот месец од исламскиот календар за време на кој муслиманите постат.
За разлика од другите години, во Турција, како и во другите земји, овој Рамазан, на граѓаните не им беше дозволено да се собираат на колективни ифтари и молитви во џамиите, со цел спречување на ширењето на коронавирусот.
Одбележувањето на Рамазан бајрам во Турција ќе започне на 24 мај, а ќе заврши на 26 мај.
На 16 март, највисокото тело за верски прашања во земјата (Дијанет) објави дека во џамиите нема да се извршуваат молитви, вклучително и петочните молитви (џума намаз), по избивањето на пандемијата на Ковид-19.
Со оглед на тоа дека турската јавност во голема мерка ги почитуваше превентивните мерки против пандемијата, бројот на потврдени случаи на Ковид-19 на дневна основа во Турција падна под 1.000 во средата, за првпат од 25 март.
Министерството за здравство соопшти дека досега од Ковид-19 се оздравени вкупно 113.987 лица, додека бројот на починати достигна 4.222 со 23 други жртви. Бројот на заразени од Ковид-19 во Турција се искачи на 152.587.
Откако беше регистриран во Кина минатиот декември, коронавирусот се рашири во речиси сите земји од светот, при што Европа и САД во моментов се најтешко погодени.
Според податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“, пандемијата на Ковид-19 предизвика смрт кај 328.400 луѓе низ светот. Потврдени се околу 5 милиони случаи на Ковид-19, а над 1,9 милион лица оздравеа од овој вирус.