Ahmet Sertan Usul
17 Април 2020•Ажурирај: 18 Април 2020
АНКАРА
Потпретседателот на Турција, Фуат Октај, соопшти дека според упатствата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, се преземени активности за речиси 25.000 турски државјани од 59 земји да бидат транспортирани во Турција, за месецот Рамазан и празникот Бајрам да ги поминат во своите домови и со своите најблиски, јавува Агенција Анадолија (АА).
Октај на социјалната мрежа Твитер порача дека Турција, особено во овие денови на пандемијата на Ковид-19, ги поддржува своите државјани, каде и да се наоѓаат во светот.
Тој истакна дека во рамките на борбата против пандемијата успеале да организираат враќање на околу 25.000 државјани од други земји за повторно да бидат со своите семејства за време на месецот на постот, Рамазан и за бајрамските празници кои следуваат по него.
„Овој пат, според упатствата на нашиот претседател, започнавме операција со широки размери заедно со нашите министерства за надворешни работи, внатрешни работи, сообраќај и инфраструктура, здравство, млади и спорт, за околу 25.000 наши граѓани од 59 земји да можат да го поминат претстојниот месец Рамазан и празникот Бајрам во своите домови. Наша цел е да им овозможиме на нашите сограѓани да бидат со своите најблиски во месецот на постот“, наведе Октај.
Тој додаде дека е уверен оти Турција и нејзиниот народ ќе успеат да го спречат ширењето на вирусот.
„Овој народ, како што тоа го направи многупати во историјата, заедно ќе ја извојува победата и во оваа тешка борба, благодарение на братството и солидарноста“, изјави тој.