АНТАЛИЈА (АА) - Турција се бори со шумските пожари што избувнаа во 41 различно подрачје, а 31 од нив досега се успешно ставени под контрола, јавува Агенција Анадолија (АА).
Шумски пожари избувнаа во последните неколку дена во јужните турски области Мерсин, Османије, Адана, Анталија, Кахраманмараш.
Пожари избувнаа и во југозападната област Мугла и централните турски области Кириккале и Кајсери.
Напорите на надлежните служби за ставање под контрола на 10 активни пожари продолжуваат со 1.832 пожарникари, 3 авиони, 29 хеликоптери и 458 цистерни со вода.
- Големи шумски пожари во јужната област Анталија -
Турската медитеранска крајбрежна област Анталија е една од областите каде што има активни пожари. Маж на 82-годишна возраст, кој бил оставен сам дома, почина за време на евакуацијата во селото Кепезбелени во округот Аксеки.
Турскиот министер за земјоделство и шумарство, Бекир Пакдемирли, денеска изјави дека 10 лица се заглавени кај браната Ојмапинар во Анталија, додека некои соседства се евакуирани.
„Амбулантни возила и тимови на АФАД [Управата за справување со катастрофи и вонредни состојби] се на пат за помош на нашите граѓани кај браната Ојмапинар. Патот е отворен, ќе се обидат да ги евакуираат“, рече Пакдемирли, додавајќи дека не се соочуваат со ситуација опасна за животот.
Подоцна, гувернерот на округот Манавгат, Мустафа Јигит, соопшти дека 10-те лица заглавени кај браната се спасени.
Шумските пожари избувнаа вчера во Манавгат, Анталија, и се проширија на поголема површина.
„Тројца наши сограѓани ги загубија животите, а 122 се погодени од пожарите. Во тек е лекувањето на 58 граѓани“, соопшти АФАД за пожарите во Манавгат.
Според најновите информации, бројот на загинати во пожарите во Анталија се искачи на четири.
- Пожарникари се борат со пожарите во Адана и Мерсин -
Освен во Анталија, пожарникарите несебично се борат и со ставање на пожарите во турските области Адана и Мерсин под контрола.
Во Мерсин, населението што живее во области близу пожарите вчера е евакуирано.
Пожарникарите се борат со пожарите во два округа во областа.
Тие се ангажирани и во Козан во јужната турска област Адана каде што избувна пожар во шумското подрачје на Кизларсекиси.
Властите рекоа дека силниот ветер ги разгорел пожарите низ регионот и ги отежнува напорите за нивно гаснење.