Ekipa
27 Ноември 2019•Ажурирај: 28 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, во однос на набавката на „S-400“ истакна дека еден производ не се купува за да се чува во кутија и дека Турција има потреба од него, јавува Агенција Анадолија (AA).
Чавушоглу одржа заедничка прес-конференција со министерот за надворешни работи на Сомалија, Ахмед Иса Авад, по тет-а-тет и меѓуделегациската средба.
Истакнувајќи дека Авад како министер за надворешни работи за прв пат ја посетил Анкара, Чавушоглу рече дека што е можно поскоро планира возвратна посета на Сомалија.
Чавушоглу, укажа на историските врски меѓу двете земји, и рече дека Турција секогаш со сите свои институции ќе ѝ помага на Сомалија.
Наведувајќи дека разговарале за билатералните односи помеѓу двете земји во сите области, Чавушоглу нагласи: „Придаваме важност на економските односи и преговараме за Договорот за економско партнерство. Сакаме да го завршиме тоа што е можно поскоро.“
Чавушоглу, посочи дека Турција придава големо значење и на односите во образованието и културата, и дека трите училишта на турската Фондација „Маариф“ се најдобрите во земјата и дека во иднина ќе се зголеми бројот на тие училишта.
- „Еден производ не се купува за да се чува во кутија“ -
Турскиот шеф на дипломатијата во однос на изјавата на американскиот државен секретар, Мајк Помпео, за одбранбениот ракетен систем „S-400“, рече: „Еден производ не се купува за да се чува во кутија. Одбранбениот систем чини многу, но ние имаме потреба од него, без разлика колку чини.“
Тој, истакнувајќи дека во моментов во Турција ги има единствено шпанските системи „Патриот“, рече дека Италијанците го повлекуваат системот за воздушна одбрана „SAMP-T“ од Турција.
„Значи, Турција има потреба од систем за воздушна одбрана, имаме недостаток. Бидејќи не произведуваме во моментот треба од некаде да ги обезбедиме“, нагласи Чавушоглу.
Тој потсети дека на маргините од состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел се сретнале со Помпео, и дека претежно разговарале за системот „S-400“.
„Ние со Соединетите Американски Држави (САД) ќе продолжиме да разговараме на таа тема, но во суштина невозможно е да се прифати наметнувачки стил“, рече Чавушоглу.
Истакнувајќи дека Турција има потреба од нови системи, Чавушоглу нагласи: „Ако Америка даде гаранција и може да продаде, ние би сакале да го купиме системот „Патриот“. На вакви теми не е добро да зависите од една држава. Така е тоа за секоја тема.“
„Ако САД позитивно ни пријдат во однос на системот „Патриот“ и добиеме одобрение од Конгресот, ние ќе преговараме. Ќе се договориме за цените и другите прашања“, рече Чавушоглу и додаде „за време на оваа посета (посетата на претседателот Реџеп Таип Ердоган на САД) за прв пат Американците имаат позитивен пристап кон заедничкото производство и технологија. Но тоа нема гаранција. Не може само на збор. Можеме да купуваме и од други земји.“
Министерот Чавушоглу се осврна и на програмата за „F-35“, истакнувајќи дека Турција инвестирала 1,4 милијарди долари во таа програма, и дека има производство во вредност од вкупно 2,2 милијарди долари.
„Во најлошото сценарио, ако не можеме да го добиеме „F-35“, кога ќе ни треба авион треба да разгледаме други алтернативи. Со различни изговори велите дека нема да продадете, а друга страна велите 'не може да купиш од друго место'. Таков свет не постои“, истакна Чавушоглу.
Посочувајќи дека САД во трговијата и за други прашања користат наметнувачки стил, тој рече дека Турција е против тоа и дека верува во мултилатерализмот во рамките на правниот систем.