Dildar Baykan
11 Јули 2018•Ажурирај: 12 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, на неговиот твитер-профил објави порака по повод 23-годишнината од геноцидот во Сребреница, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Никогаш не заборавивме, нема да заборавиме, и нема да дозволиме да се заборави. Нема да дозволиме тоа да се повтори уште еднаш“, напиша Чавушоглу во објавата на Твитер, во која сподели и фотографија од Меморијалниот центар „Поточари“ во Сребреница.
Во Меморијалниот центар „Поточари“ денес ќе се изврши молитвена и погребна церемонија на останките на новоидентификуваните 35 жртви во геноцидот извршен од страна на војската и полицијата на Република Српска (РС), како и од паравоените формации на РС и Србија во јули 1995 година врз Бошњаците во зоната заштитена од страна на Обединетите нации (ОН).
Во Меморијалниот центар „Поточари“ во Сребреница досега се закопани 6.575 жртви од геноцидот, а продолжува потрагата по околу илјада други.
Геноцидот во Сребреница е најголемото масовно злосторство на територијата на Европа по Холокаустот во Втората светска војна. Во геноцидот врз Бошњаците во Сребреница во 1995 година извршен од страна на војската на РС, која доби помош од логистички формации на Србија, беа убиени најмалку 8.732 цивили.