ЛЕФКОСА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денеска изјави дека Турција ќе продолжи со своите активности во Источниот Медитеран, освен ако не постои соработка со кипарските Турци и кипарските Грци, пренесува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу напиша статија за дневниот весник на кипарските Турци „Kibris Postas“ и даде оцена за најновите случувања поврзани со кипарското прашање, процесот на преговори со кипарските Грци и Источниот Медитеран.
„Кипарските Грци насилно презедоа контрола врз Република Кипар во 1963 година, која беше воспоставена со договорите од 1960 година и се заснова на партнерство меѓу кипарските Турци и кипарските Грци, врз основа на политичка еднаквост“, изјави Чавушоглу.
„Процесот на преговори, спроведен под покровителство на Обединетите нации од 1968 година, не успеа поради неприкосновениот став на страната на кипарските Грци“, напиша тој, додавајќи дека последниот процес на преговори, Конференцијата за Кипар, заврши без резултат во Кран Монтана во јули 2017 година.
„Главна причина за неуспехот на овие преговори е тоа што страната на кипарските Грци одбива да ја сподели моќта со кипарските Турци“, пишува Чавушоглу.
„Сепак, не постојат промени во ставовите на страната на кипарските Грци од завршувањето на Конференцијата за Кипар“, додаде тој.
„Нагласувавме дека со цел повторно да се започнат преговорите треба однапред да се определи што ќе се преговара, во која насока и во рамките на кои модалитети. Не сметаме дека е корисно да се вклучиме во нова вежба со отворен крај без јасна визија или цел“, напиша Чавушоглу.
- Јаглеводородни ресурси -
„Ние сме лице во лице со Администрацијата на кипарските Грци на Јужен Кипар (GCASC), која целосно ги користи сите предности на членството во ЕУ и се гледа себеси како единствен сопственик на островот“, рече Чавушоглу, додавајќи дека кипарските Грци не сакаат да ја делат ниту политичката моќ ниту природните ресурси на островот.
Чавушоглу рече дека Администрацијата на кипарските Грци на Јужен Кипар ги поткопува правата на кипарските Турци врз ресурсите и правата на Турција од нејзиниот континентален гребен регистрирани во Обединетите нации.
„Кипарските Грци тврдат дека тие стојат зад тоа уделот на кипарските Турци да им биде даден по решавањето на спорот, но не е прифатливо ниту за нив ниту за кипарските Турци тие да ги напуштат нивните права по решението кое беше спречено од страна на кипарските Грци“, напиша Чавушоглу.
Чавушоглу наведува дека е погрешно да се поврзува користењето на правата на континенталниот гребен на Турција со кипарското прашање.
„Ние продолжуваме со нашето истражување и активности на дупчење во областите - каде што ги регистриравме нашите права на континенталниот гребен и географски и законски пред ОН од 2014 година - во кои нашата Влада му додели лиценци на „Турски петролеум“ во 2009 и 2012 година“, рече тој.
„Од друга страна, Турција ја дава својата целосна поддршка на Турската Република Северен Кипар за да ги заштити своите права, во рамките на меѓународното право, како косопственици на островот“, напиша Чавушоглу.
„Нашите активности во кои Владата на кипарските Турци му додели лиценци на „Турски петролеум“ во 2011 година спаѓа во овој контекст. Нашиот брод за сондажа „Јавуз“ и сеизмичкиот брод „Барбарос Хајредин-паша“ ги извршуваат своите активности во овие области“, додаде тој.
„Доколку кипарските Грци не соработуваат, што вклучува заеднички механизам за донесување одлуки со кипарските Турци - еднаков партнер на островот, и доколку не биде воспоставен механизам за соработка како што е предвидено во предлогот од 13 јули, Турција решително ќе ги продолжи своите активности, без пауза, во областите каде што ТРСК му додели лиценци на Турски петролеум.“
Претседателот на Турската Република Северен Кипар, Мустафа Акинџи, вчера достави нов предлог за соработка од страна на кипарските Турци до кипарските Грци, преку ОН, во врска со истражувањето на јаглеводородни ресурси околу островот Кипар.
Предлогот предвидува дека кипарските Турци и кипарските Грци, како еднакви партнери на островот, треба да соработуваат во врска со јаглеводородните ресурси, на кои тие имаат еднакви права, вклучувајќи го и делењето на приходите и користа од овие ресурси.
Турција континуирано ја обвинува Администрацијата на кипарските Грци за едностраните дупчења во Источниот Медитеран, нагласувајќи дека кипарските Турци исто така имаат права на ресурсите во подрачјето.
Од оваа пролет Анкара во Источниот Медитеран испрати два брода за сондажа „Фатих“ и „Јавуз“, нагласувајќи ги правата на Турција и ТРСК врз ресурсите во регионот.
Турскиот брод за дупчење (сондажа) „Фатих“ започна со своите активности на 3 мај годинава во подрачјето на 75 километри (42 наутички милји) од западниот брег на кипарскиот остров. Активностите се целосно концентрирани на континенталниот гребен на Турција, според препораките на ОН и во рамките на дозволите што Турција ги додели на „Турски петролеум“ во текот на изминатите години.
Атина и кипарските Грци се спротивставија на овој потег, заканувајќи се со апсење на екипите на бродовите и повикување лидерите на ЕУ да се приклучат на нивните критики.