Admir Fazlagic
09 Ноември 2017•Ажурирај: 10 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, денеска се состана со својот црногорски колега, министерот за надворешни работи Срѓан Дармановиќ, кој престојува во официјална посета на земјава. По состанокот, на заедничка прес-конференција двајцата министри истакнаа дека односите на двете земји се одлични, без отворени прашања, и претставуваат пример за билатерални односи во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Димитров информираше дека на средбата со својот црногорски колега заклучиле дека Македонија и Црна Гора споделуваат исти вредности, имаат иста визија и за себе и за регионот, што е многу комплементарно, а тоа се стабилни и проспертитетни општества со стабилен и интегриран регион.
Шефот на македонската дипломатија наведе дека двете земји имаат иста определба – заедничка европска и евроатланска иднина.
„Добри пријатели на подадена рака возвраќаат рака. Во името на нашите заеднички ЕУ перспективи, како и за перспективите на другите земји во регионот. Во оваа смисла му се заблагодарив на Дармарковиќ за подадената рака и за поддршката во техничко-оперативните и метеодолошките аспекти на водењето на процесот за приклучување во ЕУ, во кои Црна Гора е во напредна фаза. Се заблагодаривме за големата поддршка за нашето членство во НАТО. Неодамнешниот самит на Јадранската повелба во Подгорица во заедничко копретседателство даде силен и охрабрувачки поттик за следните чекори на Македонија кон членството. Впрочем, Македонија заклучно со декември го завршува претседавањето со проесот, а Црна Гора го презема во текот на идната година, период што е особено значаен за нас“, истакна Димитров.
Тој посочи дека се заемни заложбите за зголемен ангажман во делот на економската соработка, можеме многу повеќе, со цел да работиме на зближување на бизнис на заедниците од двете земји и да ја олесниме нивната натамошна соработка.
Димитров нагласи дека во областа на транспортот го реафирмирале она за што веќе разговараа премиерите на двете земји, авиолинија Скопје-Подгорица-Сараево, истакнувајќи дека комуникацијата е битна алатка, а како што рече, Македонија со Црна Гора секогаш комуницирала добро.
Од друга страна, министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, на заедничката прес-конференција со македонскиот колега Димитров рече дека му преставува задоволство што е во Македонија, каде го продолжува политичкиот дијалог со најголемите македонски функционери.
Тој информираше дека во текот на денешната средба е потврдена оцената оти односите на нашите две земји се содржајни, квалитетни и неоптоварени со отворени прашања и дека се пример за одлична билатерална соработка во регионот. „За тоа“, рече Дармановиќ, „придонесоа успешно реализираните посети на високото ниво, неодамнешната посета на претседателот на Владата на Црна Гора на Скопје, средбата на двата премиера во текот на состанокот на Американско-јадранската повелба во Подгорица, како и посетата на претседателот на македонскиот Парламент во јули оваа година.
„Заедно констариравме дека и покрај фреквентниот политички дијалог, потенцијалите за економско поврзување на двете земји не се доволно реализирани и оти постои простор за унапредување, за што особено ќе стане збор на состаноците на мешовитата комисија за економска соработка на Црна Гора и Република Македонија“, изјави министерот Дармановиќ.
Во тој контекст, тој информираше дека со македонскиот колега размениле мислења и за можностите за заеднички настап на трети пазари.
Црногорскиот министер за надворешни работи изрази уверување дека и престојното отворање почесен конзулат во Штип значително ќе придонесе за севкупна врска меѓу двете земји.
Шефот на црногорската дипломатија, во однос на надворешнополитичките приоритети на оваа држава, ги запозна своите соговорници со пристапните преговори на Црна Гора со ЕУ и информираше дека очекуваат до средината на 2018 година, Црна Гора да отвори нови поглавја. Тој нагласи дека се подготвени со македонските колеги да ги споделат искуствата од преговарачкиот процес.
Истовремено, во разговорите, министерот Дармарковиќ нагласи дека Црна Гора како нова членка на НАТО ќе продолжи да ѝ дава полна поддршка на Македонија и на сите земји на земјите од Западен Балкан во нивните интеграциски процеси.
Тој истакна дека со својот македонски колега Димитров го поздравиле потпишувањето на Договорот за транспортна заедница во рамките на Берлинскиот процес, со што сметаат дека ќе се овозможи нова перспектива во односите на државите.
Во рамките на посетата на Македонија, одржани се разговори на делегациите на Министерството за надворешни работи на Република Македонија и Министерството за надворешни работи на Црна Гора, а министерот Дармановиќ ќе оствари средба со претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, со претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, како и со премиерот Зоран Заев.