Furkan Abdula
02 Јуни 2022•Ажурирај: 03 Јуни 2022
СКПОЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Северна Македнија, Талат Џафери, во рамки на неговата посета на грчкиот главен град Атина се состана со претседателот на грчкиот Парламент, Константинос Тасулас, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Собранието на Северна Македонија, Џафери со својот грчки колега се состана во рамки на 9. Пленарна сесија на Парламентарното собрание на Процесот на соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ), што се одржува на 1 и 2 јуни 2022 година во Атина.
Џафери изрази задоволство од реализирањето на втората заедничка средба и упати честитки за успешното претседавање со Парламентарното собрание на ПСЈИЕ.
Тој истакна дека Северна Македонија е фокусирана на зајакнувањето на стратешкото партнерство меѓу двете земји, со силна посветеност за исполнување на обврските кои произлегуваат од Договорот од Преспа.
Џафери потсети дека во грчкиот Парламент има ратификации кои не се усвоени, а дека со нив би се унапредила соработката со Северна Македонија во повеќе области, вклучително и во делот на евроинтеграциите, и затоа побара што поскора нивна ратификација.
„Претседателот на Собранието ги нагласи билатералните придобивки од нашето членство во НАТО, како што е соработката и заемната координација меѓу релевантните институции на двете земји, континуираната соработка на граничните служби за справување со мигрантските текови и техничките аранжмани за одбрана на двете држави за заштита на воздушниот простор. Ја нагласи и потребата од итно отворање на преговорите и одржување на првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија, изразувајќи благодарност за поддршката на Грција на овој план“, се вели во соопштението.
Осврнувајќи се на економската соработка, Џафери истакна дека последните податоци покажуваат дека вкупната размена веќе го постигнала претпандемското ниво, a грчките инвестиции во Северна Македонија се на високо ниво и државата очекува да продолжи нагорниот тренд.
Од друга страна, претседатеот на грчкиот Парламент, Тасулас, изрази задоволство од меѓупарламентарната соработка, како во рамките на Процесот на соработка во Југоисточна Европа, така и на билатерален план, и оцени дека оваа соработка во голема мера може да придонесе за патот на Северна Македонија кон ЕУ.
Тој нагласи дека Грција ќе продолжи со активната поддршка за европската интеграција на Северна Македонија и ангажманот за формален почеток на пристапните преговори со ЕУ.
Тасулас се осврна и на соработката во рамките на НАТО, нагласувајќи дека одличен индикатор за добрите односи меѓу државите од регионот е фактот што Грција го штити воздушниот простор и територијалниот интегритет на Северна Македонија и на Црна Гора.
„Претседателите Џафери и Тасулас ги повторија заложбите за интензивирање на билатералната парламентарна соработка, како на ниво на претседатели на парламенти, така и на ниво на групите за пријателство и соработка. Воедно, соговорниците изразија подготвеност за натамошно унапредување на стратешкото партнерство преку конкретни форми на соработка и ангажмани, што ќе обезбедат поблиско поврзување меѓу двете држави и народи“, се вели во соопштението.
Деветтата Пленарна сесија на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ заврши со усвојување на Финална декларација.