Zylfije Adem Jakupi
31 Јули 2022•Ажурирај: 01 Август 2022
ПРИШТИНА (АА) - Полицијата на Косово ги затвори граничните премини Брњак и Јариње кон Србија, на северот на Косово, откако локалните Срби ги блокираа патиштата пред почетокот на примената на реципроцитетните мерки од страна на Владата на Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).
Заменик директорот на Полицијата на Косово за северниот регион, Бесим Хоти, потврди за АА дека локалните граѓани од северот на Косово ги блокирале магистралните патишта од Митровица кон Лепосавиќ и преминот Јариње, како и кон Зубин Поток и кон преминот Брњак.
Најпрвин во Северна Митровица се слушнаа сирени за предупредување, што беше знак за граѓаните да почнат да се собираат. Потоа почна блокирањето на магистралните патишта со камиони и возила.
Претходно денеска премиерот на Косово, Албин Курти, одржа состанок со Советот за безбедност на Косово на кој се разговараше за безбедносната ситуација во земјата, во пресрет на примената на реципроцитетните мерки.
Според одлуката на Владата на Косово од 29 јуни, во понеделник на 01.08.2022 година почнува издавањето на привремени декларациски листови на граничните премини на лицата кои влегуваат во Косово со лични карти на Србија. Исто така, почнува двомесечниот процес на пререгистрација на илегалните регистарски таблички со ознаки од косовските градови, „ПР“, „КМ“, „ПЗ“ и слично, кои ги издава Србија, во таблички РКС (Република Косово).
„Нашите институции веќе ги разработија сите технички и административни процедури за спроведување на овие одлуки“, се наведува во соопштението од Владата на Косово.
„Институциите на Република Косово остануваат посветени и обединети да одговорат на секоја безбедносна ситуација, секогаш во координација и блиска соработка со нашите стратешки партнери“, се наведува во соопштението.
Исто така, продолжува режимот со налепници со кои се прекриваат симболите на државните ознаки на Србија на таблиците на возилата од Србија до 31.10.2022 година.