Kristina Maslareviç
28 Октомври 2016•Ажурирај: 02 Ноември 2016
БЕЛГРАД (АА) - По состанокот со претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, претседателот на Србија, Томислав Николиќ изјави дека оваа посета ја потврдува двостраната определба за понатамошен развој на вкупните односи и дека за време на состанокот заедно констатирале дека политичките односи на Србија и Македонија се многу добри, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во овој период преполн со различни предизвици покажавме дека преку соработка и разговор можеме да ги спречиме и да ги надминеме сите тешкотии. Србија сака стабилни, добрососедски односи со Македонија и унапредување на соработката во сите области“, изјави Николиќ.
Тој изјави дека целиот регион се соочува со катастрофална мигрантска криза, која еднакво ги погодува сите земји, и дека Србија одговорно се соочила со овој проблем, обезбедувајќи достојно прифаќање и безбеден премин на мигрантите кон земјите кои се нивни крајни дестинации.
„Нашите две земји не се одговорни за мигрантскиот бран којшто оди кон Западна Европа. Ние не можеме да го спречиме, ниту да го ублажиме. На потег е ЕУ, која има механизми и пари“, додаде Николиќ.
Како што наведе тој, за време на денешниот состанок побарал и поддршка од Македонија, од претседателот Иванов, принципиелно да ја поддржи Србија со гласање против членството на Косово во УНЕСКО“.
„Членството во ЕУ е заеднички стремеж на Србија и на Македонија. Уверени сме дека токму со заеднички напори, преку постојана консултација и размена на искуство, можеме да го забрзаме тој процес, кој е во интерес на двете земји“, рече Николиќ.
„Нашата желба е односите на двата народа и на двете држави и понатаму да се градат на темелите на заемно почитување и разбирање. Мојата порака до македонскиот претседател е јасна: нема стабилна Србија, без стабилна Македонија“.
Иванов: Важно е да учиме од историјата бидејќи не можеме да живееме во минатото
Претседателот Ѓорге Иванов истакна дека за време на состанокот била водена дискусија за повеќе аспекти на билатералните односи и дека во годината во која се одбележува 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи, со задоволство може да нагласи дека Србија и Македонија успеале да изградат искрени пријателски односи.
„Имаме континуиран и одличен политички дијалог, имаме заеднички интерес и двострано залагање да ја унапредиме таа соработка во сите области“, изјави Иванов.
Тој наведе дека регионот во кој се наоѓаат овие две земји има премногу историја и дека е потребно заемно да се почитуваат, да постои дијалог и да се покаже проактивност.
„Важно е да учиме од историјата бидејќи не можеме да живееме во минатото. Живееме денес и сега. Нашата обврска е да создаваме амбиент и услови за соработка, сега и во иднината. Не можеме да ја промениме историјата, но можеме да влијаеме на сето она што ќе се случува во иднината“, изјави македонскиот претседател Ѓорге Иванов.
Тој додаде дека сите прашања можат да се решат преку дијалог, кој треба да биде отворен и аргументиран и дека Србија и Македонија немаат отворени прашања, а дека за некои прашања имаат различни видици, но дека тоа не треба да биде пречка да се развива соработката во другите области.
„Мило ми е што имаме заеднички интерес за голем број прашања кои ги наследивме од минатото, да не ги оставаме на идните поколенија и да ги решаваме во сегашноста. Сакам да истакнам и дека имаме одлична соработка и во регионалните иницијативи, на задничките состаноци градиме ставови за целиот наш регион и дека сме одговорни за стабилноста и просперитетот на целиот наш регион и имаме заеднички интерес во изградбата на нашите аспирации и интеграции во ЕУ“, наведе Иванов.
Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов е во работна посета на Србија, по повод одбележувањето 70 години од доселувањето на Македонците во Војводина. Во попладневните часови, двајцата претседатели ќе присуствуваат на Деловниот форум Србија–Македонија, каде што ќе се обратат пред присутните, додека в недела ќе присуствуваат на неколку настани во Панчево, по повод одбележувањето на овој јубилеј.