Admir Fazlagic
16 Февруари 2017•Ажурирај: 17 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во рамките на воспоставената соработка на Република Македонија и Република Србија и соработката што Стопанската комора на Македонија ја има со Стопанската комора на Србија, денес се одржува Македонско-српски бизнис форум на кој официјално ќе биде основан Македонско-српскиот деловен совет, јавува Anadolu Agency (AA).
Извршниот директор на Македонската стопанска комора, Јелисавета Георгиева, вели дека Деловниот совет е основан од бизнисмени од двете страни, со цел за унапредување на добрата соработка од двете страни, којашто, според нејзините зборови, неколку години бележи тенденција на зголемување од аспект на продлабочување на соработката.
Георгиева информираше дека Србија е трет надворешно-трговски партнер на Македонија според обемот на трговската размена, која според податоците од Државниот завод за статистика, од минатата година бележи тенденција на раст за околу пет отсто, и во извозот и во увозот и во вкупната размена.
„Имаме 700 милиони американски долари вкупна размена. Околу 200 милиони се во извозот и околу 500 милиони се во увозот. Она што е особено значајно и за двете бизнис заедници е вмрежувањето на двете бизнис заедници и интегрирањето на трети пазари. Тоа впрочем и го правиме во Коморскиот инвестициски форум, којшто е основан од земјите од Западен Балкан“, истакна Георгиева.
Таа додаде дека Македонија во Србија најмногу извезува од секторот земјоделие, лекови и други помалку застапени гранки, додека Македонија од Србија најмногу увезува железо, челик, цигари, земјоделска индустрија и електрична енергија.
Од друга страна, Даница Миловановиќ, директор на Центарот за регионална соработка и иницијативи на Стопанска комора на Србија во изјава за медиумите рече дека денешниот бизнис форум и основањето на Деловниот совет на стопанските комори на Македонија и Србија побудил голем интерес и кај двете бизнис заедници, што според неа само потврдува колку стопанствата на Македонија и на Србија се комактибилни поради близината на пазарот и поради побарувачката на пазарите, како за српските, така и за македонските производи.
„Интересот расте, обемот се унапредува. Она што е важно за српките компании се оние производствени гранки коишто заедно сочунуваат над 50 отсто на српскиот извоз во Македонија. Тоа значи не само да имаме побарувачка на македонскиот пазар, туку сме во можност да оствариме нова соработка, да се здружиме, да излеземе заедно на нови пазари. И токму ваквиот собир и собирите не се само за да се унапреди билатералната соработка, туку и за да се изнајдат начини за заеднички настап на трети пазари, на кои двете земји сѐ уште не се присутни“, истакна Миловановиќ.
Таа додаде дека бизнисот секогаш оди пред политиката, бидејќи како што наведе, така треба и мора да биде. Според неа, сите активности што ги прави бизнис секторот, каде било во регионот, треба да им укаже на владите дека на бизнисот треба да му се овозможи да соработува, бидејќи единствено така може да се придонесе за економска интеграција на регионот Западен Балкан, како и дека Европа од овој регион го очекува тоа.
- Апел за брзо решавање на блокадата на Евзони
Исто така, стопанските комори на Македонија и на Србија, на денешниот бизнис форум упатија апел колку што е можно поскоро да се реши проблемот со блокадата на граничниот премин Евзони и да се овозможи слободен проток на луѓе и стоки зашто во спротивно, како што истакнаа од двете комори, штетите ќе бидат огромни.
Директорката на Македонската стопанска комора, Јелисавета Георгиева изрази надеж дека ситуацијата ќе има брза разрешница за да не бидат големи директните и индиректните трошоци. Таа рече дека состојбата на Евзони активно се следи и Македонската стопанска комора веќе испратила и дописи до грчката амбасада и до Унијата на грчките комори.
Георгиева информираше дека од грчката страна се известени и дека и тие се залагаат за колку што е можно побрзо надминување на ситуацијата. Таа истакна дека се прават напори и од домашните и од странските институции за изнаоѓање алтернативни патишта.
Георгиева потсети дека за стопанствениците на Македонија е битно солунското пристаниште, но дека се важни и соработките за излез на други пазари.