Husamedin Gina
11 Февруари 2022•Ажурирај: 14 Февруари 2022
СКОПЈЕ (АА) ‒ Граѓаните од денеска, со вртење на европскиот број за итни случаи ‒ 112, во најкраток можен рок ќе ги добијат услугите на полицијата, итната медицинска помош или противпожарната бригада, јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, евроамбасадорот Дејвид Гир и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, денеска официјално го пуштија во употреба бројот за итни случаи, 112.
Истакнувајќи дека од денеска започнува да се користи бројот 112 за итни повици, премиерот Ковачевски рече дека ова е важен момент бидејќи на граѓаните ќе им се овозможи брза комуникација со институциите во ситуации кога тоа им е итно потребно.

„Воведувањето на бројот 112 е уште еден чекор понапред во имплементација на европските стандарди. Системот на одговор за итни случаи ќе биде вистинско олеснување за граѓаните, бидејќи ги поврзува во итно време службата за итна медицинска помош, единиците за противпожарна заштита и останатите служби за итна помош при други видови несреќи“, нагласи премиерот Ковачевски.
Во системот, како што рече премиерот Ковачевски, според највисоките европски стандарди се вклучени и сите служби за итна помош и асистенција на полицијата за спроведување ред и мир, обезбедување редовен сообраќај, како и комуналните служби.
Евроамбасадорот Дејвид Гир, истакнувајќи дека е многу среќен што учествува на пуштањето во употреба на европскиот број за итни случаи ‒ 112, рече дека тоа е бројот кој спасува животи.

„На овој симболичен датум, 11.2.2022, земјата со европска помош им се придружи на европските земји во користење на овој број. Убавината е во едноставноста. Со вртење на бројот 112 можете да ги добиете сите оние служби кои ви се потребни во итни случаи. 112 е лесен број за паметење и јавување во случај на итност. 112 е бројот којшто спасува животи“, нагласи евроамбасадорот Гир.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, истакна дека Северна Македонија денеска станува дел од европското семејство на бројот 112.

Со денешното пуштање на бројот, помош може да се добие само со вртење на бројот 112, наместо да се врти на четири броја за итни случаи 192 – Полиција, 193 – Пожарна, 194 – Брза помош и 195 – Центар за управување со кризи (ЦУК).
Откако ќе се сврти на 112, повикот ќе се пренасочува преку системот кон оној за кого е наменет.
Европскиот број за итни повици беше воспоставен со измените на Законот за управување со кризи.