Derya Gülnaz Özcan
18 Октомври 2024•Ажурирај: 20 Октомври 2024
АТИНА (АА) - Пристанишните работници во Грција спречија контејнер полн со муниција наменет за Израел да се натовари на брод на пристаништето Пиреја, известува Анадолу.
Според веста на грчката државна телевизија ЕРТ, контејнерот со муниција, кој бил пренесен во Грција преку Северна Македонија, бил донесен во пристаништето Пиреја за да биде натоварен на бродот што требало да исплови кон пристаништето Хаифа во Израел.
Работниците што се собрале на повик на синдикатите не дозволиле контејнерот полн со муниција да се натовари на бродот.
Работниците напишале „Убијци, излезете од пристаништето“ на контејнерот наменет за Израел и извикувале „Слобода за Палестина“.
Пристанишните работници изјавија дека нема да дозволат контејнерот да се натовари на бродот и нема рацете да ги обојат со крвта на палестинскиот народ.
Маркос Бекрис, претседател на Синдикатот на работниците од пристаништето Пиреја, изјави:
„Одлучивме да не дозволиме од пристаништето Пиреја да се праќа воена муниција што ќе го продолжи геноцидот врз палестинскиот народ.“
„Бараме нашата земја веднаш да престане да се вмешува во војната“, апелираше Бекрис.