Zülfiya Yakup
16 Јануари 2018•Ажурирај: 17 Јануари 2018
СЕВЕРНА МИТРОВИЦА (АА) - По убиството на српскиот политичар од Косово, Оливер Ивановиќ, ситуацијата во Северна Митровица е мирна, но напната, јавува Anadolu Agency (AA).
Ивановиќ е застрелан пред својата канцеларија на улицата „Сутјеска“ во Северна Митровица.
Како што потврди за АА заменик-регионалниот директор на Полицијата на Косово за север, Бесим Хоти, засега нема осомничени за убиството на лидерот на Граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда“, Оливер Ивановиќ.
Некаде околу 8:20 часот, Полицијата на Косово во Северна Митровица доби информација за вооружениот напад врз Оливер Ивановиќ. Тој веднаш е префрлен во Клиничко-болничкиот центар во Северна Митровица.
По неуспешната реанимација, дежурните лекари ја потврдија неговата смрт односно дека жртвата им подлегнала на повредите. Косовската полиција работи на терен, за да ги собере сите можни докази, кои ќе ѝ служат на полицијата во понатамошниот тек на истрагата.
Полицијата пронајде запалено возило марка „Опел Астра“, без регистерски таблички, за кое во оваа фаза од истрагата, постои сомнеж дека е вклучено во инцидентот.
„Се верува дека осомничените намерно го запалиле возилото, за да ги уништат доказите“, вели Хоти.
Хоти истакнува дека атмосферата во градот е напната и дека граѓаните не се чуствуваат безбедно.
„Ги молиме граѓаните, ако имаат каква било информација, да ја пријават во полиција, за да ги откриеме сторителите на ова дело, но и да спречиме слични инциденти“, вели Хоти.
Граѓаните се во неверување и се вознемирени. Раде Недељковиќ од Бањска, населба во близина на Митровица, вели дека убиството на Ивановиќ е неверојатно.
„Да се убие човек е навистина незамисливо, бидејќи ние останавме тука, сите знаат како се боревме и изборивме да останеме тука. Не знам што да кажам. Гледам дека се е во завиена форма, веројатно се чека истрага, гледате и самите дека нема коментари. Не знаеме кој е сторителот, сите молчат. Додека не се расветли, ако се расветли, но не верувам дека ќе се случи тоа“, вели Недељковиќ.
Хидајет Хајдарпашиќ изјави дека убиството на Ивановиќ е за чудење, бидејќи смета дека бил добар човек кој не се замерувал со никого.
„Како дојде до тоа не знам, но во секој случај не е добро“, вели Хајдарпашиќ од Северна Митровица.
Тој не очекува дека убиството на Ивановиќ ќе се одрази на безбедносната ситуација во градот.
Највисоките косовски и меѓународни официјални лица го осудија убиството на Оливер Ивановиќ и ги повикаа органите на редот што е можно побрзо да ги расветлат околностите за неговото убиство.