Admir Fazlagic
15 Февруари 2020•Ажурирај: 15 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Република Северна Македонија доцна синоќа со 62 гласа „за“ и 26 гласа „против“ ја разреши техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Мизрахи беше разрешена поради користење на таблата со името Република Македонија за време на прес-конференциите во Министерството за труд и социјална политика, што според премиерот Оливер Спасовски, претставувало јавен настап при кој бил прекршен Уставот, со оглед дека името на државата Македонија е сменето во Република Северна Македонија, по усвоените уставни измени во јануари минатата година, изгласани со двотретинско мнозинство.
Уставните измени следуваа по постигнувањето на Договорот за решавање на спорот за името со Грција (Преспански договор), што беше постигнат во јуни 2018 година.
Во своето обраќање од собраниската говорница техничкиот премиер, Оливер Спасовски, побара ВМРО-ДПМНЕ да предложи нов кандидат за функцијата министер за труд и социјална политика.
Мизрахи во обраќањето рече дека таа смета дека не го прекршила Уставот и дека нејзиното разрешување „е обид да се прикријат проблемите што постојат во Министерството за труд и социјална политика“.
Собранието, според најавеното од собраниските служби, треба да се распушти во недела во пресрет на превремените избори закажани за 12 април. На собранискиот дневен ред денеска ќе се најде Законот за јавно обвинителство.
Потсетуваме, Собранието на Северна Македонија на 3 јануари ја избра техничката Влада предводена од Оливер Спасовски, која има задача да организира фер и демократски избори во следните 100 дена.
На предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за министер за внатрешни работи во техничката Влада беше избран Наќе Чулев, а за министерка за труд и социјална политика беше избрана Рашела Мизрахи. Опозициската партија предложи и дополнителни заменици-министри за земјоделство, информатичко општество и администрација и во финансии.
Преодната Влада ќе ја води државата 100 дена, до одржувањето на предвремените избори на 12 април.
Ова е втора техничка влада во земјава, откако ваква практика беше воспоставена со Пржинскиот договор пред 4 години, кога во декември 2016 година беа одржани предвремени парламентарни избори.