Zülfiya Yakup
01 Ноември 2017•Ажурирај: 02 Ноември 2017
ПРИШТИНА (АА) - Процесот на трансформирање на Безбедносните сили на Косово во војска, кој е започнат пред неколку години, полека оди кон завршната фаза, порача денес претседателот на Косово, Хашим Тачи, на дебата на темата „Ставот на српската заедница во врска со измената на мандатот на безбедносните сили“. Истовремено, истражувањата покажуваат дека недовербата и стравот се клучни причини зошто Србите се против формирање на Војската на Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Тачи нагласи дека вооружените сили не претставуваат никаков вид на закана за никој, и истакна дека никој не може намерно да го блокира овој процес и оти никој не може да вложи вето против овој процес. Тој нагласи дека Косово сака вооружените сили да се формираат по пат на уставни промени во Собранието на Косово.
„Сакаме вооружените сили на Косово да се формираат со уставни промени, со обединување на едно место, во Собранието на Косово, со политичка волја на сите заедници во Косово. Тоа е најдобар начин сите да дојдеме до многу важни вредности, обединувачки за Косово“, изјави Тачи.
Тој изрази подготвеност да разговара, доколку е потребно и секој ден, со српските политичари и со граѓаните на Косово, за да им објасни зошто треба да се основаат вооружени сили на Косово. Исто така, нагласи дека презел неколку иницијативи за да се создаде целосен консензус за сите заедници за трансформирање на БСК во војска на Косово.
На денешната дебата, која ја организираа невладините организации на Косовскиот центар за безбедносни студии и Истражувачкиот центар за безбедносна политика, не учествуваа српските политичари, иако беа повикани, но истражувањата за ставот на Србите по ова прашање го пренесоа невладините организации од северниот дел на Косово.
Јована Радосављевиќ, извршна директорка на невладината организација „Нова социјална иницијатива“ од Северна Митровица, наведе дека истражувањето покажало оти ставот на Србите е дека трансформацијата на БСК во војска мора да се случи со вклучување на сите малцински заедници, и тоа значи уставни промени со двотретинско мнозинство на малцинските пратеници на Собранието на Косово. Според нејзините зборови, истражувањето покажува и дека ставот на Србите е оти присуството на НАТО и на КФОР во Косово е доволно за безбедност, и оти е клучно и присутвото на страв кај Србите.
„Доколку се заобиколат овие контретни причини, а тоа се можеби и емотивни аргументи на српската заедница, но поаѓаме од перспективата дека малку време помина од конфликтот, сѐ уште постојат и тензии и живееме во период на замрзнат конфликт меѓу албанската и српската заедница, неопходно е да се земат предвид сите стравови и сите работи што се случуваа во минатото да се адресираат на вистински начин, за да можеме да дојдеме до помирување меѓу заедниците“, изјави Радосављевиќ.
Истражувањето, исто така, сугерира дека процесот на формирање на војска треба да биде дел од поширок дијалог во Брисел, и потсети дека „Српската листа“ победила на косовските избори, а тие се јасно против формирањето на војската. Таа, исто така, рече дека приклучувањето на одредени членови на српската заедница во БСК било единствено од егзистенцијални причини.
Верољуб Петровиќ, извршен директор на невладината организација „Хуман центар“ од Северна Митровица, изнесе истражувачки податоци од неговата организација коишто покажуваат дека кога станува збор за безбедноста, 71,8 отсто од Србите не веруваат никому, 87,7 од Србите веруваат дека не треба да се формира војската на Косово, 8,8 отсто немаат став, а само 3,5 отсто од Србите се за формирање војска,
Петровиќ го изнесе и својот став дека сите земји во регионот треба да бидат вклучени во регионалниот концепт на безбедност преку соработка.
„Пред поглавјето 35 (ЕУ) за Србија, кое во целост е поврзано за Косово, нема да има посериозни приказни за трансформација на безбедносните сили во војска, бидејќи сето тоа ќе оди во пакет. Сè уште ќе биде потребно извесно време за да созреат некои работи, во смисла свеста на Србите од Косово за тоа дали има потреба и зошто, сето тоа убаво да им се објасни на луѓето“, рече Петровиќ.