Furkan Naci Top
17 Октомври 2018•Ажурирај: 18 Октомври 2018
АТИНА (АА) - Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, соопшти дека по оставката на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, ќе ја преземе и функцијата министер за надворешни работи, јавува Anadolu Agency (AA).
Грчкиот министер Коѕијас поднесе оставка
Ципрас даде изјава за медиумите пред Кабинетот на премиерот откако ја прифати оставката на Коѕијас, упатувајќи благодарност до него за извршената должност во Министерството за надворешни работи. „Со жалење ја прифатив оваа оставка“, рече тој.
Ципрас се осврна и на Договорот од Преспа постигнат со Македонија за прашањето за името.
„Донесов одлука да ја преземам функцијата министер за надворешни работи. Ова ја покажува мојата одлучност околу тоа дека ќе направам сѐ што можам за да овозможам успешно реализирање на историскиот Договор од Преспа кој ја зајакнува меѓународната улога на земјата“, додаде Ципрас.
Грчкиот премиер упати порака дека со парламентарните средби кои се во тек, во врска со прифаќањето на Договорот со Македонија, треба да се продолжи храбро и одлучно.
Тој рече дека со преземање и на функцијата министер за надворешни работи, има за цел да го спречи упатувањето на различни пораки од страна на Владата во врска со Договорот. „Грција и мојата Влада ќе ги исполнат обврските од меѓународната одговорност“, нагласи тој.
- Порака од Коѕијас
Коѕијас, кој поднесе оставка, во пораката објавена на наговиот профил на социјалната мрежа, истакнува дека бил принуден да ги раздвои патиштата со Владата.
„На вчерашниот состанок, премиерот и голем број министри го направија нивниот избор. Потоа и јас го направив мојот избор“, напиша Коѕијас.
Цитирајќи една песна, Коѕијас во постот на социјалната мрежа вели „Сакаа да ме закопаат длабоко, но заборавија дека сум семе“.