Ihvan Radoykov
02 Октомври 2022•Ажурирај: 04 Октомври 2022
СОФИЈА (АА) - Новиот гасовод меѓу Грција и Бугарија е пуштен во употреба вчера, а треба да помогне да се намали зависноста од рускиот гас во регионот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Изградбата на конекцијата на гасоводот, чии темели беа поставени пред 13 години, е завршена за кратко време благодарение на 250 милиони евра обезбедени од Европската Унија откако Русија го прекина снабдувањето со природен гас за Бугарија.
Изградена е интерконективна линија меѓу Бугарија и Грција што ќе обезбедува трансфер на 3 милијарди кубни метри азербејџански природен гас годишно.
„Овој гасовод е пресвртница. Тој ја менува ситуацијата за Бугарија и за енергетската обезбеденост на Европа“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на пуштањето на конекцијата во бугарскиот главен град Софија, на кое присуствуваа високи претставници на земјата, како и претставници на Грција, Азербејџан, Романија, Србија и Северна Македонија.
„Овој гасовод значи слобода. Слобода од зависноста од рускиот гас“, додаде таа. „И овде во Бугарија и низ Европа, луѓето ги чувствуваат последиците од руската војна [во Украина]. Но, благодарение на ваквите проекти, Европа ќе има доволно гас за зимата.“
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев истакна дека проектот ќе одигра важна улога во диверзификацијата на колатералните ресурси на Европа и нагласи дека Јужниот коридор за природен гас е еден од главните енергетски проекти на Европа.
„Баку развива и други извори освен гасните ресурси во Каспискиот Регион“, рече Алиев и додаде: „Ќе го удвоиме нашиот извоз на природен гас во 2027 година, благодарение на зголемувањето на капацитетите на рутите ТАНАП и ТАП“.
Со капацитет од 3 до 5 милијарди кубни метри годишно и можности за обратен проток, гасоводот ќе пренесува гас од северниот грчки град Комотини до Стара Загора во Бугарија. Поврзан е и со делот од Јужниот коридор кој носи азербејџански гас кон Европа.
Околу 180 километри од неговата должина се наоѓаат во Бугарија, додека 30 километри се во Грција.