Abdula Berisha
20 Август 2019•Ажурирај: 21 Август 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, учествуваше на работна средба со Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ, на којашто беше информиран за проблемите со кои се соочуваат компаниите во овој сектор, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставниците од МАСИТ и бизнисмените од секторот за информатички и комуникациски технологии (ИКТ) најпрво ја презентираа Стопанската комора, а потоа зборуваа за предностите на секторот и предизвиците со кои се соочуваат во реалната економија.
Бизнисмените рекоа дека ИКТ-секторот им нуди на вработените многу поволни услови, што може да се споредат со западноевропските земји. Тие истакнаа дека на овој начин ги спречуваат младите да ја напуштат земјата, додавајќи дека постои голем потенцијал за развој на овој сектор во Северна Македонија.
Претседателот Пендаровски изрази подготвеност да помогне во проблемите со кои се соочуваат компаниите од ИКТ-секторот, истакнувајќи ја потребата од создавање национална стратегија. Тој, исто така, изрази подготвеност да не ги потпише усвоените закони во Собранието, коишто влијаат на ИКТ-секторот, доколку постојат убедливи аргументи.
„Секогаш кога ќе има предлог-закон, драфт, макар и почетен, во Собрание или во Влада, ќе го чуете, ќе разберете преку медиуми или на друг начин, алармирајте нè уште пред да биде усвоен, за да можеме и ние да укажеме на некои работи, а особено ако е во финална верзија и усвоен, а не е добар за вас, укажете ми мене, јас нема да го потпишам тој указ, се разбира, аргументирано“, рече Пендаровски.
Претседателот на Северна Македонија рече дека членството на земјата во НАТО ќе донесе дополнителни гаранции за бизнисите, а во врска со евентуалните преговори за членство во ЕУ, претседателот рече дека мора и бизнис-заедницата да биде дел од преговарачкиот процес.
Претседателот Пендаровски потсети дека неговите овластувања се ограничени, но сепак рече дека ќе стори сè за да ги поддржи бизнисите и рече дека формирал тим во неговиот Кабинет, кој ќе се справи со економските прашања.